Обвинителството бара притвор за 45-годишник од скопската населба Кисела Вода кој ја претепал неговата поранешна партнерка.
„Осомничениот ја извлекол на сила од домот во кој живеела жртвата, ја влечел и туркал до неговиот дом во близина, ја внел внатре и физички ја нападнал, удирајќи ја со шлаканици, клоци и со мобилен телефон. На жената ѝ нанел телесни повреди – рани и хематоми по главата и телото“, велат од Обвинителството.
На осомничениот од страна на судија на претходна постапка претходно му биле определени мерки на претпазливост за насилство извршено кон неговата мајка и снаа за брат.
„Последниот настан укажува дека за кратко време тој ги повторува насилничките дејствија, односно манифестирал насилничко однесување и спрема неговата поранешна партнерка. Во исто време, постои ризик од бегство со цел да избегне кривична одговорност за сторените кривични дела, па јавниот обвинител сега од судот побара да определи најстрога мерка, притвор за осомничениот“, додаваат од Обвинителството.



