„РАЈАНЕР“ НЀ УЦЕНУВАШЕ, БАРАШЕ ДУПЛО ПОВЕЌЕ ЗА СУБВЕНЦИИ И ДА УКИНЕМЕ ЛИНИИ НА ДРУГИ КОМПАНИИ, РЕЧЕ НИКОЛОСКИ

    „РАЈАНЕР“ НЀ УЦЕНУВАШЕ, БАРАШЕ ДУПЛО ПОВЕЌЕ ЗА СУБВЕНЦИИ И ДА УКИНЕМЕ ЛИНИИ НА ДРУГИ КОМПАНИИ, РЕЧЕ НИКОЛОСКИ„Рајанер“, според Николоски, барал приоритетно да се опслужуваат нивните авиони и да не се користат никакви услуги на Скопскиот и Охридскиот аеродром. (Фото: СДК.МК)

    Вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски денеска кажа дека нискобуџетната авиокомпанија „Рајанер“ бара невозможни услови за да почне да лета во земјава. Одговарајќи на новинарско прашање, тој кажа дека тоа што го бара „Рајанер“ не е добро за македонскиот пазар,

    „Во моментов, ние даваме субвенции од девет евра за аеродромот во Скопје и 12 евра за аеродромот во Охрид, што се меѓу највисоките субвенции што може да се најдат во регионот и не случајно се отворени 28 нови авиолинии за помалку од две години од изборот на оваа влада. Барањата на ‘Рајанер‘ се 25 евра субвенција по седиште, што е повеќе од 2,5 пати од субвенциите кои сега се даваат за летовите до скопскиот аеродром“, кажа Николоски на пуштањето во употреба на градскиот пазар во Виница.

    „Рајанер“ барал приоритетно да се опслужуваат нивните авиони и да не се користат никакви услуги на Скопскиот и Охридскиот аеродром.

    „Дури и сопствени скали имаат во рамки на авионите. Барањето е да откажеме дел од дестинациите кои сега ги работат други авиокомпании. Мислам дека тоа е уценувачки пристап. Не знам дали следите, најголемиот удар во авиоиндустријата се случува токму од нив, целосно ја затворија сопствената база во Солун, со што Солунскиот аеродром е пред колапс. Ја затворија сопствената база во Виена и во овој период на криза на Блискиот Исток, тоа е компанија со најмногу откажани летови. Авиокомпаниите кои се кај нас се стабилни компании. Од нискобуџетните ги имаме ‘Визер‘ и ‘Изиџет‘, се работи за компании кои дури и во криза растат. ‘Визер‘ ќе го донесе веќе седмиот авион на Скопскиот аеродром, го користи како база и веќе почнува да прави база и на Охридскиот аеродром“, вели Николоски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира