НЕ СЕ ЗНАЕ ОД ШТО УМРЕЛ ХРВАТ ВО КАФЕАНА ВО НЕГОТИНО, ДЕЖУРНИОТ ОБВИНИТЕЛ НЕ ПОБАРАЛ ОБДУКЦИЈА, ОТИ ДЕЖУРНИОТ ЛЕКАР РЕКОЛ ДЕКА СМРТА НЕ Е НАСИЛНА

    НЕ СЕ ЗНАЕ ОД ШТО УМРЕЛ ХРВАТ ВО КАФЕАНА ВО НЕГОТИНО, ДЕЖУРНИОТ ОБВИНИТЕЛ НЕ ПОБАРАЛ ОБДУКЦИЈА, ОТИ ДЕЖУРНИОТ ЛЕКАР РЕКОЛ ДЕКА СМРТА НЕ Е НАСИЛНАОд Здравствен дом Неготино на поставеното прашање за смртта на хрватскиот граѓанин одговорија дека „За случајот со починатото лице, детална лекарска потврда за настанот е доставена до надлежните институции“. (Фото: СДК.МК)

    Нема одговор која е причината за смртта на хрватскиот државјанин пред Велигден во Неготино. Обвинителството му поверувало на дежурниот доктор од Брзата помош од Неготино, кој констатирал дека не е насилна, без да даде наредба за обдукција иако настанала ненадејно. Истата се случила откако на С.М. (48 год) му се слошило во кафеана во Неготино и по интервенција на дежурен доктор бил препратен за Клинички центар „Мајка Тереза“ во Скопје. По пат лицето починало, па амбулатното возило и пациентот биле вратени за Неготино.

    Од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Кавадарци, кое го покрива и подрачјето за Неготино ни дадоа краток одговор на поставеното прашање.

    „ОЈО Кавадарци е известено за настанот, обдукција не е наредена бидејќи лекар констатирал природна смрт и нема сомнение во однос на причините за смртта“ , соопштија од ОЈО Кавадарци.
    Во јуни 2020, ОЈО Кавадарци побарало обдукција за лице које било пронајдено дома во безсознаение и починало на пат за Клинички во Скопје.

    За ист таков случај, лице кое починало во кафеана во Свети Николе без видливо траги на насилство, десет дена подоцна, на 18 април, ОЈО Свети Николе побара обдукција за да се утврдат причините за смртта.

    Од ЈЗУ Здравствен дом Неготино на поставеното прашање за смртта на хрватскиот граѓанин одговорија дека „За случајот со починатото лице, детална лекарска потврда за настанот е доставена до надлежните институции“. Разрешувањето од позицијата раководител на Итната медицинска помош на докторот кој потпишал дека смртта не е насилна, било поради враќање на докторот кој претходно бил раководител а по завршувањето на неговата специјализација.

    „Докторот кој беше раководител на службата за ИМП е разрешен од раководител на 01.04.2026 година. Сегашниот раководител на службата за ИМП и претходно беше раководител на оваа служба, но заради обавување на специјализација во Скопје, истата мораше да престојува во Скопје и да се ангажира околу нејзината специјализација, а заради тоа не беше во можност да продолжи со ангажманот за раководење на Итната медицинска помош во нашата установа. Откако се врати од специјализација како доктор специјалист, истата повторно е вратена на раководното место во ИМП и тоа повторно е назначена за раководител на службата за ИМП од 01.04.2026 година. Така што наводите кои се шпекулираат се невистинити“, пишува во одговорот на ЈЗУ Здравствен дом Неготино.

    Случајот со ненадено починатиот Хрват, не бил пријавен во тамошната полициска станица. Но. подоцна по пријава на граѓанин, полицијата извршила одредени истражни дејствија и го пријавила во ЕВРОПОЛ.

    „Во врска со Вашето прашање, Ве информираме дека на 08.04.2026 во ОВР Неготино нема пријава за таков настан. Подоцна, по пријава од граѓанин на 14.04..2026 за починат хрватски државјанин во Неготино, полициски службеници од ОВР Неготино преземале мерки по пријавата и биле извршени службени разговори со повеќе лица. Притоа, било констатирано дека на 08.04.2026 во Итна медицинска помош во Неготино бил донесен С.М.(48 год) од Република Хрватска, кој и покрај укажаната лекарска помош починал. Лекар констатирал смрт без траги на насилство, телото на починатиот било предадено на погребална компанија во Неготино. По комплетирање на потребната документација за преземање и транспорт од страна на семејството, телото било транспортирано во Република Хрватска“, велат од СВР Велес.

    За преземените мерки и активности бил изготвен службен материјал и проследен до ОЈО Кавадарци. За настанот било доставено известување и до Одделението за Европол при Секторот за меѓународна полициска соработка.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира