Шпанските власти го уапсија синот на модниот гигант „Манго“, обвинувајќи го за негово убиство. Исак Андик загина на планинарење во Каталонија во декември 2024 и според верзијата на неговиот син Џонатан, тој случајно паднал од карпа откако се лизнал на една од патеките.
Смртта на 71-годишниот Андик во прв момент беше прогласена за несреќен случај, но недоследности во изјавите на Џонатан и други докази ги наведоа истражителите да продолжат да испитуваат. Џонатан Андик беше потпретседател на бордот на директори на „Манго“.
Неколку шпански медиуми известија дека двајцата имале напнати односи и дека имале сериозна расправија непосредно пред инцидентот.
Роден во 1953 во Истанбул во еврејско семејство, Исак Андик пристигнал во Каталонија на 14-годишна возраст. Три години подоцна почнал да продава облека и обувки на уличните пазари, а подоцна ја проширил својата професионална дејност со отворање продавници, поставувајќи ги темелите на она што стана огромна бизнис империја во шпанскиот и светскиот текстилен сектор.



