НОВИТЕ СООБРАЌАЈНИ РЕШЕНИЈА ВО ВЕЛЕС ДОНЕСОА ПОВЕЌЕ ХАОС ОТКОЛКУ РЕД, КОЛЕВ ВЕЛИ АКО СМЕНИ НЕШТО ЌЕ МОРА ДА СЕ ВРАТАТ ЕВРОПСКИТЕ ПАРИ

    НОВИТЕ СООБРАЌАЈНИ РЕШЕНИЈА ВО ВЕЛЕС ДОНЕСОА ПОВЕЌЕ ХАОС ОТКОЛКУ РЕД, КОЛЕВ ВЕЛИ АКО СМЕНИ НЕШТО ЌЕ МОРА ДА СЕ ВРАТАТ ЕВРОПСКИТЕ ПАРИКружниот тек на плоштадот Сармаале, според Колев, е едно од решеннијата кои се нејасни. (Фото: СДК.МК)

    Новите сообраќајни решенија, кои создадоа повеќе неред отколку ред во сообраќајот во центарот на Велес, беа тема на седница на Советот на Општина Велес. Целиот овој проект чинеше 750 илјади евра финансирани од ЕУ.

    Проектот доживеа повеќе промени, а главната цел беше Велес да добие пешачка зона во центарот на градот, како единствен поголем град во Македонија кој нема ваква зона. Со овој проект, улицата Архиепископ Михаил која води од центар кон Градскиот саат стана еднонасочна, а се вгради и одводна Ф-800 цевка која ја собира дождовната вода во централното градско подрачје. Иако не била предвина ставка, Општина Велес побара, а финансиерот ЕУ одобри пари за да се поплочат тротоарите.

    Советниците прашуваа за одделни решенија, меѓу кои и постојката пред хотел „Интернационал“, еднонасочната улица помеѓу плоштадот Сармаале и споменикот на коњот. Според советничката Ѕвезданка Пешиќ, новото сообраќајно решение со постојката создаде повеќе проблеми отколку што има корисна функција.

    „Оваа постојка служи често и за паркирање на автомобили, додека возачите пазарат во околината и создаваат колони возила кои се случува да бидат и до зградата на Пошта. Иста е состојбата кога паркираат и под јаворот, пред кафетеријата, а сопствениците за тоа време се гости во објектот“, рече Пешиќ.

    Советничкото прашање беше до градоначалникот Марко Колев.

    „Проектот финансиран од ЕУ го наследив, го потпишав, оти беше одобрен. Дали сум среќен со решението – не. Тој технички и административно не е завршен. Има многу нелогичности, постојката кај ‘Интернационал’, кружниот тек кај Сармаале, нејасни работи. И пет години по техничкиот прием не може ништо да се коригира и да се менува. Ништо не може да се коригира без согласност на ЕУ како финансиер или ќе треба да ги враќаме парите. Инаку, таму треба се наново да се менува. Но, за тоа-потоа“, кажа Колев.

    Градоначалникот потсети дека било предвидено градот да добие плоштад, улиците Гоце Делчев и Страшо Пинџур да бидат двонасочни, а низ центарот да минуваат само автобуси. Ова второто се покажа во пракса како лошо решение па беше променето, улицата 8 Септември на се затвори, туку стана еднонасочна.

    Од Општина Велес на поставеното советничко прашање одговорија дека за решението за уредување на централното градско подрачје изработката на Основен проект со сите предвидени фази е од фирмата „Тектон инженеринг“ ДООЕЛ Кавадарци, а ревизијата на Основниот проект ја правела фирмата „Симетрика“ ДОО Скопје.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира