Скопје беше домаќин на Годишната конференција на EACHA (European Automated Clearing Houses Association), единствената европска асоцијација на клириншки куќи и оператори на платни системи, која годинава се одржа во организација на КИБС АД Скопје.
Настанот привлече речиси 200 учесници од 30 европски земји, меѓу кои претставници на тамошните клириншки куќи, меѓународни институции од платежниот сектор, глобални ИТ и консултантски компании, како и експерти за дигитални плаќања, управување со ризици и иновации.
Конференцијата ја отвори претседателот на EACHA, Хозе Луис Ланга, а за развојот на домашниот платежен сектор говореа генералниот директор на КИБС, Горан Анастасовски и претседателката на Македонската банкарска асоцијација, Маја Стевкова-Штериева. Во рамки на панелите свои излагања имаа Флоријан Форст од Capgemini Invent, Марк Муне од Nexus Global Payments, Хуан Хозе Гарсија од Iberpay, како и претставници на водечки европски платежни иницијативи како Ники Андравидиоти од IRIS, Мартин Аскуе од Bizum, Стоилка Арсова од Blink, Лудовик Франческони од Wero, Тереса Мескита од EMPSA, Кристин де Лепелер од CEC, Бенце Мароси од Giro и Пол Волвик-Џојнт од Mastercard Payment Services.
Учесниците отворија дискусии за клучните предизвици и трендови во европската платежна индустрија, со фокус на дигиталните плаќања од сметка на сметка на физичките и онлајн продажни места, поврзувањето на европските системи за инстант плаќања со останатиот дел од светот, дигиталната трансформација и усогласувањето со европските стандарди.
Според КИБС АД Скопје, одржувањето на оваа конференција во земјава овозможува значајна можност за домашниот платежен сектор директно да се вклучи во разговорите за идниот развој на европската платежна инфраструктура. Директорот Анастасовски вели дека настанот претставува признание за КИБС и за македонскиот платежен сектор, бидејќи овозможува размена на искуства со водечки експерти и отвора важни дискусии за дигитализацијата кои ќе придонесат за понатамошен развој на современи и ефикасни платежни услуги.
EACHA е највисокиот технички и стратешки форум за соработка на клириншките институции во Европа што ги обединува операторите на платни системи кои секојдневно процесираат милиони меѓубанкарски трансакции, со клучна улога во развојот на европските стандарди и иновациите кај плаќањата.



