ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА ОДОБРИ 65,7 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА МАКЕДОНИЈА ОД ПЛАНОТ ЗА РАСТ, НАЈМНОГУ ВО РЕГИОНОТ

    ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА ОДОБРИ 65,7 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА МАКЕДОНИЈА ОД ПЛАНОТ ЗА РАСТ, НАЈМНОГУ ВО РЕГИОНОТОд вкупната сума, 30,6 милиони евра ќе бидат префрлени директно во државниот буџет, додека преостанатите средства се наменети за инвестициски проекти. - Муцунски и Кос (Фото: МНР)

    Европската комисија става на располагање 65,7 милиони евра за Македонија во рамки на Инструментот за реформи и раст и ова претставува највисок износ во регионот, во споредба со одобрените 49 милиони евра за Албанија и 44,2 милиони евра за Црна Гора, објавија денеска Европската комисија и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски преку социјалните мрежи.

    Тој вели дека ова е потврда за посветеноста на Владата кон реформите и исполнувањето на обврските од Планот за раст, како и признание за институционалниот капацитет на државата.

    Како што кажа Муцунски, средствата се одобрени по позитивната оценка на Европската комисија за спроведените реформски чекори, кои во македонскиот случај се однесуваат на мерки во образованието и дигитализацијата. Од вкупната сума, 30,6 милиони евра ќе бидат префрлени директно во државниот буџет, додека преостанатите средства се наменети за инвестициски проекти преку Инвестициската рамка за Западен Балкан.

    Еврокомесарката за проширување Марта Кос изјави: „Планот за раст носи вистинска разлика во секојдневниот живот на луѓето низ Западен Балкан. Во Албанија станува полесно да се започне и да се развива бизнис. Во Црна Гора, научниците добиваат поголема поддршка за иновативните идеи да ги претворат во конкретни производи. Во Северна Македонија, учениците ќе имаат подобар пристап до модерна ИТ-опрема во училниците. Ова покажува како реформите се преточуваат во видливи придобивки за граѓаните.“

    Планот за раст за Западен Балкан, усвоен во 2023 година, има цел да им овозможи на земјите партнери од регионот да ги почувствуваат придобивките од членството уште пред нивното пристапување во ЕУ. Тој предвидува интеграција на партнерите во Единствениот пазар на ЕУ, унапредување на регионалната економска соработка, продлабочување на реформите поврзани со ЕУ и зголемување на претпристапното финансирање. Со тоа се забрзува процесот на проширување и економскиот раст на земјите партнери.

    Планот е поддржан од Инструментот за реформи и раст, неговиот финансиски инструмент со вкупен фонд од 6 милијарди евра. На секои шест месеци, земјите партнери известуваат за напредокот во спроведувањето на реформите поддржани преку овој инструмент. Најновата исплата се однесува на третиот шестмесечен извештаен период, кој ги опфаќа реформите спроведени до крајот на декември 2025 година. Вкупното финансирање исплатено преку овој инструмент од 2024 година досега изнесува 673,6 милиони евра.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира