Израелскиот парламент одобри закон за сопственото распуштање, што е првиот чекор кон следните национални избори, за кои анкетите велат дека премиерот Бенјамин Нетанјаху ќе ги изгуби. Датумот на изборите засега не е утврден, но треба да се одржат најдоцна до 27 октомври.
За распуштањето се гласаше сега откако ултраортодоксна еврејска фракција објави овој месец дека веќе не се смета за партнер на Нетанјаху и ќе бара предвремени избори. Лидерите на фракцијата кажаа дека коалицијата на Нетанјаху не го исполнила ветувањето дека нивната заедница ќе биде исклучена од задолжителниот воен рок. Опозициските партии исто така долго време се залагаат за соборување на Нетанјаху.
Помалку од една година откако во 2022 направи политички камбек како премиер на најдесничарската влада досега, власта на Нетанјаху беше сериозно разнишана од ненадејниот упад на Хамас во Израел на 7 октомври 2023, што беше вовед во бруталната војна во Газа. Анкетите оттогаш постојано покажуваа дека владејачката коалиција е далеку од парламентарно мнозинство.
Главниот предизвикувач на Нетанјаху е Нафтали Бенет, кој го победи на изборите во 2021 и потоа кратко беше премиер. Тој се здружи со лидерот на опозицискиот лев центар Јаир Лапид, формирајќи ја новата партија Заедно.
Нетанјаху сè уште се соочува со судски процес за корупција. Израелскиот претседател Исак Херцог посредува во разговорите за постигнување спогодба, што би можела да вклучи повлекување на 76-годишниот Нетанјаху од политиката. Таков договор се споменува уште од почетокот на судењето пред шест години и не е јасно дали тој би го прифатил.



