Едно лице почина откако отвори оган во близина на безбедносниот пункт во Белата куќа и беше застрелано од полицајци, соопшти Тајната служба.
„Кратко по 18 часот во саботата (по локално време) едно лице во областа на 17-та улица и авенијата Пенсилванија извади оружје од својата чанта и почна да пука“, соопшти Канцеларијата за комуникации на Тајната служба на САД во соопштението на Икс. „Полицијата на Тајната служба возврати на оган погодувајќи го осомничениот, кој беше префрлен во болница во областа каде што беше прогласен за починат“, се вели во соопштението и се додава дека еден минувач бил погоден од огнено оружје за време на пукањето.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, бил во Белата куќа во Вашингтон во времето на инцидентот, соопшти агенцијата. Во објава на неговата мрежа Трут соушал, Трамп им се заблагодари на Тајната служба и на полицијата „за брзата и професионална акција преземена вечерва против вооружен човек во близина на Белата куќа, кој имал насилна историја и можна опсесија со најценетата градба во нашата земја“.
Тајната служба соопшти дека нема повредени полицајци и дека инцидентот е под истрага.
Претседателот, исто така, ја искористи објавата како промоција за неговиот проект за балска сала, иако не го спомена по име, велејќи дека инцидентот, кој се случи кратко време по пукањето на вечерата на дописниците од Белата куќа, покажува „колку е важно за сите идни претседатели да го добијат она што ќе биде најбезбедниот и најсигурниот простор од ваков вид некогаш изграден во Вашингтон“.
Претходно, директорот на ФБИ, Кеш Пател, изјави на Икс дека полицајците биле на местото на настанот и ја поддржувале Тајната служба откако биле испукани истрели во близина на Белата куќа. Неколку американски медиуми објавија дека слушнале пукање и оти северниот тревник на Белата куќа бил евакуиран.



