Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека Русија ја користела моќната хиперсонична балистичка ракета „орешник“ за време на ноќешниот масовен напад со беспилотни летала и ракети врз Киев, во кој загинаа најмалку четири лица, што е трет пат ова оружјето да се користи во четиригодишната војна. Интензивниот воздушен напад оштети згради низ украинскиот главен град, меѓу кои и во близина на владини канцеларии, станбени згради и училишта, а 50 лица беа повредени во Киев и околните области.
„Орешник“, кој може да носи нуклеарни или конвенционални боеви глави, го погоди градот Била Церква во регионот Киев, рече Зеленски во објава на Телеграм. Целта не беше веднаш јасна.
Руското Министерство за одбрана потврди дека го користело „орешник“, како и други видови ракети, за да ги погоди украинските „објекти за воена команда и контрола“, воздухопловните бази и воено-индустриските претпријатија. Не прецизираше каде се целите.
Нападите следат откако рускиот претседател Владимир Путин вети дека ќе возврати и ја обвини Украина за смртоносниот напад врз студентски дом во градот Старобилск на 22 мај, во кој беа убиени 18 лица. Генералштабот на вооружените сили на Украина соопшти дека извршил напад во близина на Старобилск во источна Украина, окупирана од Русија, во текот на ноќта на 22 мај, но тврдеше дека погодил елитна руска воена единица.
Ноќешните напади на Русија следеа по предупредувањата од Зеленски дека има знациоти Русија планира напад. Тој исто така рече дека украинските разузнавачки служби добиле информации оти Русија може да ја користи ракетата „орешник“, која лета со брзина 10 пати поголема од брзината на звукот и е невозможно да се пресретне. Воздухопловните сили на Украина соопштија дека вчера од 18:00 часот по локално време, детектирале 90 ракети и 600 беспилотни летала.



