УМЕТНОСТА И КУЛТУРАТА ВЛИЈААТ ЗА ПОБАВНО СТАРЕЕЊЕ, ПОКАЖА НОВО ИСТРАЖУВАЊЕ

    УМЕТНОСТА И КУЛТУРАТА ВЛИЈААТ ЗА ПОБАВНО СТАРЕЕЊЕ, ПОКАЖА НОВО ИСТРАЖУВАЊЕСпоред истражувањето, редовното учество во уметнички активности може да помогне во забавување на темпото на биолошкото стареење. (Фото: Пекселс)

    Луѓето кои секоја недела посетуваат или учествуваат во уметнички и културни активности побавно стареат, т. е. добиваат ефекти споредливи со редовно вежбање, покажа ново истражување на Универзитскот колеџ на Лондон, објавено во научното списание „Иновација во стареењето“ (Inovation in Aging).

    Долго време е познато дека физичката активност е една од најдобрите работи што можат да се прават за стареењето да биде здраво. Но, што ако посетата на уметничка галерија, приклучувањето кон хор или посетувањето курс по грнчарство носи исто толку придобивки,  сè до нивото на вашата ДНК?

    Според истражувањето, редовното учество во уметнички активности може да помогне во забавување на темпото на биолошкото стареење. Студијата  анализирала одговори од анкети и резултати од крвни анализи на 3.556 возрасни лица во Обединетото Кралство. Истражувачите ја споредиле вклученоста на учесниците во уметнички и културни активности со хемиски промени на ДНК поврзани со биолошкото стареење.

    Тимот открил дека луѓето кои почесто учествувале во уметнички и културни активности и кои се занимавале со поширок спектар на такви активности, покажувале побавно темпо на стареење и помлада биолошка возраст. Луѓето кои учествувале во уметничка активност најмалку еднаш неделно изгледало дека стареат околу 4 проценти побавно во споредба со оние кои ретко учествувале.

    Изненадувачки, истражувачите рекле дека ова е слично на разликата забележана помеѓу луѓе кои вежбаат секоја недела и оние кои не вежбаат.

    „Нашата студија ги обезбедува првите докази дека уметничкото и културното учество е поврзано со побавно темпо на биолошко стареење. Ова се надоврзува на сè поголем број докази за влијанието на уметноста врз здравјето, при што уметничките активности покажале дека го намалуваат стресот, воспалението и ризикот од кардиоваскуларни заболувања, слично како што тоа го прави физичката активност“, изјави авторката Фајфи Бу.

    Резултатите биле најизразени кај возрасните над 40 години и останале валидни дури и по земањето предвид на фактори како индексот на телесна маса (БМИ), пушењето, образованието и приходите.

    „Овие резултати го покажуваат влијанието на уметноста врз здравјето на биолошко ниво. Тие обезбедуваат докази дека учеството во уметнички и културни активности треба да се препознае како однесување што го унапредува здравјето, на сличен начин како и физичката активност. Нашето истражување исто така укажува дека вклучувањето во разновидни уметнички активности може да биде корисно. Ова можеби е затоа што секоја активност има различни ‘состојки’ што придонесуваат за здравјето, како физичка, когнитивна, емоционална или социјална стимулација“, изјави главната авторка на истражувањето Дејси Фанкурт.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира