Пратеникот од СДСМ Фатмир Битиќи, поранешен вицепремиер за економија, на денешната собраниска седница низ бројки ги предупреди власта и јавноста дека со новиот кредит на Владата од 260 милиони евра Македонија опасно се приближува до 61 проценти долг од Бруто домашниот производ (БДП).
Битиќи рече и дека поранешниот вицепремиер Зоран Ставрески лично преговарал за задолжување на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) со кредит од 300 милиони евра. Оваа информација не ја демантираа ни заменикот-министер за финансии Николче Јанкуловски, ни пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.
„Ако економијата е толку силна, ние сме трета најдобра економија во Европа, зошто се задолжувате? Со овој кредит од 260 милиони евра ќе ја поминеме границата од вкупен долг од преку 11 милијарди евра. За две години се задолживте 2,5 милијарди евра!“, рече Битиќи на седницата за задолжување на Македонија по скратена постапка.
Битиќи ја изнесе проценката дека во 2030 година Македонија само за камата на кредити ќе плати 2,74 милиони евра, на што никој од власта не реплицираше.
„Нема јавни инвестиции. Сè повеќе се намалува просторот за изградба на нови школи, градинки, домови и други јавни добра. Ова е стратегија за преживување со позајмени пари“, рече Битиќи.
Каде е министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска тука, место да пишува статуси?, прашуваа пратениците од опозицијата зашто таа не дојде на собраниската седница.
„Две битни точки се денеска на седница. Покрај задолжувањето од 260 милиони евра, се носи Фискалната стратегија 2017-2031 година. Што значи ова, не сака да дојде и да каже дали ќе има и други задолжувања?“, реагираше координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски.
„На претходно планирано службено патување е министерката. Деловникот бара претставник од Министерството за финансии, ние го имаме заменикот-министер за финансии, тука е на седница. Министерката е на службено патување во Словенија, претседателка е на Управниот одбор на ЦЕФ“, кажа координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
„Сега уште повеќе сум загрижен од ова што го кажавте. Рековте имала планирано редовно патување во Словенија. Па зошто баш сега го ставате на дневен ред задолжувањето од 260 милиони евра? Еднаш да беше тука Кочоска-Димитриеска кога се носи Буџет, кога Македонија се задолжува… Сè ви е по план од претходно, а барате задолжување по брза постапка!”, рече Спасовски.
Митко Трајчулески рече дека освен државата, ВМРО-ДПМНЕ ги задолжи и Општините. Буквално сите живеат на кредит, кажа тој.
Пратениците од владејачкото мнозинство зборуваа за рејтингот на СДСМ, место да дадат аргументи и да го оправдаат најновото задолжување.
Битиќи, покрај тоа што кажа дека Ставрески преговара за 300 милиони евра кредит за ЈПДП, потсети и дека на 19 мај Владата се задолжи кај домашните банки 28,5 милиони евра.
Откако кажа дека од овој заем ќе се финансира и покачувањето на платите од 8 проценти, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски рече: „Не можете вие да го разберете економскиот капацитет на оваа Влада“.
Претходно на прес-конференција, Битиќи нагласи дека Владата брзаше со носењето на одлуката за задолжување од 260 милиони евра, но ги прекрши собраниските процедури. Кажа дека пратеничката група на СДСМ ќе поднесе интерпелација и кривична пријава против претседателот на Собранието Африм Гаши.
„Толку многу им се брзаше на Владата на Мицкоски со новото задолжување што веднаш после празникот, спротивно на Деловникот и процедурите, го ставија на дневен ред во Собранието задолжувањето од 260 милиони евра. Станува збор за грубо кршење на процедурите и злоупотреба на Собранието. Поради тоа СДСМ, како што најави, ќе поднесе интерпелација и кривична пријава против претседателот на Собранието“, рече тој.
На пратениците од власта кои се обидоа да кажат дека станува збор за кредит под многу убави услови, Битиќи им кажа: „За овие 260 милиони евра, ќе треба да враќаме камата од 64 милиони евра, без агенциските провизии“.
С. К. ДЕЛЕВСКА



