Селекторот на шпанската фудбалска репрезентација Луис де ла Фуенте нагласи дека грбот на Шпанија надминува кој било клуб откако во 26-члениот тим за Светското првенство во САД, Канада и Мексико не вклучи ниеден играч на Реал Мадрид, што е прв таков случај досега.
Европскиот шампион доаѓа на Мундијалот како еден од најголемите фаворити, а во тимот на Де ла Фуенте има осуммина играчи на Барселона, но немаше место за дефанзивците на Реал Мадрид, Дин Хујсен и Дани Карвахал. Реал не освои трофеј оваа сезона и заврши осум бода зад шампионот Барселона.
Де ла Фуенте ги отфрли забелешките дека одлуката може да го чини поддршка од навивачите на Реал Мадрид.
„За мене, најголемиот тим што постои е шпанската репрезентација. Не гледам од каде доаѓаат играчите или нивното потекло. Она што е важно се шпанските играчи кои се горди што ја претставуваат својата земја и што се дел од обединета нација“, рече тој.
Контингентот на Барселона го сочинуваат Жоан Гарсија, Пау Кубарси, Ерик Гарсија, Гави, Педри, Дани Олмо, Ламине Јамал и Феран Торес, додека седуммина играчи се повикани од Премиерлигата.
„Возбудата е клучниот збор. Страста. Реакцијата на луѓето низ цела Шпанија е дека тие целосно ја поддржуваат репрезентацијата“, кажа Де ла Фуенте.
Шпанија прво игра со Зелен ‘Рт, пред дуелите со Саудиска Арабија и Уругвај.



