Од 15 јуни, патарините лентите означени за M-ТАГ ќе бидат наменети исклучиво за корисници со електронски тагови. Со ова, на овие ленти се укинува наплата со M-КАРД. Со М-КАРД ќе може да се плати на останатите достапни ленти на патарината, согласно со нивната намена, соопшти Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП).
Со уредот М-ТАГ поминувањето на наплатните рампи на ЈПДП е брзо и без чекање. Уредот се поставува на внатрешната страна на ветробранското стакло на возилото. Во специјално означената М-ТАГ лента, системот го препознава уредот, наплатата се извршува автоматски и рампата се отвора без запирање. Засега М-ТАГ може да се користи во Македонија, а наскоро и во соседните земји.
ЈПДП апелира за строго почитување на вертикалната и хоризонталната сигнализација, како и на информативните електронски табли поставени пред и на самите патарини, каде е извршена јасна категоризација на лентите по вид на плаќање: електронска наплата (M-ТАГ / M-КАРД), готовинско плаќање (КЕШ).
Воедно, за непречено и безбедно одвивање на сообраќајот, корисниците се должни да ја следат сигнализацијата за статусот на лентите: зелена стрелка – означува активна (отворена) лента, црвен икс (X) – означува затворена лента.
Непочитувањето на означувањето и намената на лентите може да предизвика застои во сообраќајот и да влијае врз безбедноста и ефикасноста на сообраќајот, велат од ЈПДП.



