Вардарската регата по 26. пат ќе заплови на 19 јуни од под Мало Mовче во Велес за да стаса до Солун на 23 јуни. Ова е третпат како регатата ќе плови до вливот на реката Вардар во Егејско Mоре за потоа да стигне до Солун. Како и претходните години, има четири базни логори Криволак и Демир Капија во Македонија и Поликастро и Акропотамис во Грција.
„Деталите се утврдени со грчките партнери, солунските скаути. Промени на трасата нема, ја знаеме состојбата. Очекуваме дека Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) ќе одржат водостој за нормално пловење“, кажа Ангелче Гушев од Извидничкиот одред „Димитар Влахов“, кој со делегирана надлежност од Општина Велес ја има организацијата на Вардарската регата.
Се очекува дека запловат 20 чамци и 100 учесници. Финансиски е поддржана од Општина Велес. Организаторот најавува дека годинава е внесена во програмата на Балканската рафтинг федерација.
„Колегите од Јајце БиХ го повлекоа терминот за да може да дојдат гости на нашата регата. За нив е интересно, тие се рафтери, но сакаат да видат какво е ова спартанско веслање, оти овде нема адреналинско веслање. Може да се рече дека во нашиот случај долгото веслање е адреналинското. Сакаат да проверат како тоа 280 км се веслаат за пет дена“, Гушев.
П. ПЕЧКОВ



