ХОСЕ КАРЕРАС ЌЕ ПЕЕ СО МАКЕДОНСКИТЕ МУЗИЧКИ ЅВЕЗДИ НА 1 СЕПТЕМВРИ ВО СКОПЈЕ ВО ЧЕСТ НА 35 ГОДИНИ НЕЗАВИСНОСТ

    ХОСЕ КАРЕРАС ЌЕ ПЕЕ СО МАКЕДОНСКИТЕ МУЗИЧКИ ЅВЕЗДИ НА 1 СЕПТЕМВРИ ВО СКОПЈЕ ВО ЧЕСТ НА 35 ГОДИНИ НЕЗАВИСНОСТВлатко Стефановски, Каролина Гочева, Калиопи, Сузана Спасовска, Наум Петрески, Игор Дурловски и Ана Дурловски ќе настапат на настанот на плоштад Македонија (Фото: К. Попов)

    Славниот шпански тенор Хосе Карерас и некои од најпознатите македонски музичари ќе настапат на плоштадот Македонија во Скопје на 1 септември во рамките на одбележувањето на 35 години независност на Македонија. Како и настапот на Дејвид Гета на стадионот „Тоше Проески“ на 8 септември, и настанот насловен „Хосе Карерас и македонскиот ол-старс“ ќе биде отворен за јавност.

    Сфативме дека е ова идеален проект за концептот каков што е замислен: нешто што е светско на високо културно ниво заедно со нашето македонско, кое притоа ќе покаже дека во ниту еден сегмент не е ниту помалку светско, ниту помалку квалитетно. Со мојот пријател и долгогодишен соработник Николче Мицевски две години разговараме за овој проект и време е сега да се реализира. Концептот на концертот е таков што прво ќе настапат македонските изведувачи со по неколку песни, па после тоа Хосе Карерас. Ќе има и многу изненадувања таа вечер, кои нема да бидат соопштени сега“, рече Бобан Милошески, основачот на „Авалон продукција“, која го организира настанот заедно со Владата.

    Во македонските ѕвезди ќе бидат Влатко Стефановски, Каролина Гочева, Калиопи, Сузана Спасовска, Наум Петрески, Игор Дурловски и Ана Дурловски. Целиот концерт ќе го придружува оркестарот на Филхармонијата. Милошески кажа дека биле поканети и Владо Јаневски и Симон Трпчески, но морале да откажат поради претходно договорени обврски.

    Аранжманите на песните ги подготви Николче Мицевски, а ќе диригира Давид Хименес Карерас од Шпанија.

    Досега сум била неколкупати дел од вакви прослави и секогаш со огромно задоволство сум настапувала. Сега ми е посебно драго што ќе ни се придружи еден музички великан од светската сцена. Па, од утре почнуваме со подготовки“, кажа Каролина Гочева.

    Калиопи рече дека овој концерт ќе биде празник, но и некаков нов почеток.

    Иако сите ние сме најавени како ѕвезди, мислам дека таа вечер единствената голема ѕвезда ќе биде нашата прекрасна Македонија, која ќе има прилика да го угости еден од најголемите тенори на сите времиња. Голем момент е што Карерас ќе стапне на светата земја Македонија, земја на музиката, земја на многу талентирани гласови и музичари“, кажа поп-дивата.

    Седумдесет и деветгодишниот Карерас првпат пееше во Македонија на Охридско лето во 2005 година.

    Многу ми е драго дека сме свесни дека имаме квалитетни наши репродуктивни уметници и дека имаме со што да се гордееме. За господинот Карерас ќе кажам дека е навистина инспиративна личност и мене како оперска пејачка ќе ми биде посебно задоволство да ја делам сцената со него“, кажа Ана Дурловски.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира