Американската војска го нападна Иран вторпат за три дена, а мета повторно беше стратешкиот пристаништен град Бандар Абас. Централната команда на војската соопшти дека нејзините сили собориле четири ирански дрона кои претставувале закана за околината на Ормускиот Теснец.
„Локацијата во Бандар Абас беше погодена додека требаше да се лансира петтиот дрон. Нашите дејствија беа одмерени, целосно одбранбени и немаа намера да го нарушат прекинот на огнот“, објави командата.
Иранската револуционерна гарда објави дека гаѓала американска воздухопловна база, реагирајќи на американскиот напад покрај аеродромот во Бандар Абас. Таа додаде дека соборила американски дрон и пукала кон борбен авион и уште еден дрон кои влегле во иранскиот воздушен простор.
Ова се случува во време на кревко примирје помеѓу САД и Иран и долготрајни преговори за ставање крај на тримесечната војна, што го блокираше сообраќајот во Ормускиот Теснец и ги зголеми глобалните цени на енергијата.
Трамп му се закани на сојузникот Оман кога порача дека ниедна држава нема да го контролира Ормускиот Теснец.
„Никој нема да го контролира Теснецот. Тоа се меѓународни води и Оман ќе се однесува исто како и сите други или ќе мора да го разнесеме. Тие го разбираат тоа, ќе бидат добро“, рече Трамп.
Тој додаде дека сè уште не е задоволен од договорот со Иран и дека САД не разговараат за ублажување на санкциите.



