ИЗМИСЛИВМЕ КЛУПА ЗА ПЛАЧЕЊЕ КОГА НЕ ЗЕМАВМЕ НАГРАДИ НА ФОЛК ФЕСТ ВАЛАНДОВО, ВЕЛИ НИНО ВЕЛИЧКОВСКИ

    ИЗМИСЛИВМЕ КЛУПА ЗА ПЛАЧЕЊЕ КОГА НЕ ЗЕМАВМЕ НАГРАДИ НА ФОЛК ФЕСТ ВАЛАНДОВО, ВЕЛИ НИНО ВЕЛИЧКОВСКИНино Величковски 30 години настапува на Фолк фест Валандово, 28 пати пеел како солист, и две години со октет „Куманово“ (Фото: Општина Валндово)

    За песната „Смислата на животот“, која ја испеа на Фолк фест Валандово, пејачот Нино Величковски вели дека ќе се слуша исто како и „Заветна“ од Пепи Бафтировски и ќе стане позначајна и повредна по 15 години.  Кумановецот Величковски (72) беше еден од најискусните пејачи на фестивалот, кој 30 пати пеел на сцената во Домот на културата. За песната која рече дека е песна на неговиот живот, тој не доби ниту една награда.

    „Јас 30 години настапувам на Валандово, 28 пати пеев како солист и две години со октет ‘Куманово’. На фестивалот првпат зачекорив во 1987. И во тоа време измислив една клупа за плачење во Дојран, каде што бевме смесетни. Така ја викавме. Колку пати сме плачеле на таа клупа кога не сме влегувале во финалето на фестивалот. Сме плачеле и кога сме победувале. Сега веќе одамна не плачам“, ни рече Величковски низ смеа.

    Наградата за најдобра песна ја доби Христијан Божинов-Кико за „Гратче мое убаво“. Втората награда ја освои песната „Солзи немам“ на Благица Калева, а третата „После сѐ“ на Анета Љумаковска, Јане Динев и „Анета бенд“.

    За песната, за која музиката ја напиша Миле Барбаровски, текстот Ѓорѓи Барбаровски, а аранжманот е на Серафимчо Костов, Величковски вели дека текстот е поезија и зборува за него како личност.

    „Ова е сложена песна. Мислам дека подоцна, кога ќе се стави на носач на звук и кога ќе се дотера и измикса, ќе ја препознаат луѓето. Оваа песна ќе живее и по мене, ќе се слуша како ‘Заветна’ од Пепи Бафтировски, која исто така ја напишаа браќата Барбаровски. Многу сум им благодарен на Барбаровски и на Огнен Неделковски за сите песни. Моја голема радост е што ми понудија убава песна која за првпат има една филозофска смисла на животот. И се трудев навистина да влезам во неа бидејќи има своја тежина“, вели Величковски.

    Во ноември 2023, Нино Величковски во преполната сала на Центарот за култура во Куманово го прослави 40-годишниот јубилеј на музичката сцена. Публиката од сите генерации од земјава и соседството, најголем дел негови пријатели и поддржувачи, три часа уживаше во одличниот концерт насловен „40 години со Нино и песни, љубов и вино“.

    „Још ќе поју и ќе се држу све док машњу мож да вржу“, кажа тогаш Величковски на кумановски дијалект.

    М. ЏАРОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира