СЕДУМ И ПОЛ ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА ЖЕНАТА-ЖРТВА НА 10-ГОДИШНО СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО КОЈА ГИ УБИ СОПРУГОТ И СВЕКОРОТ ВО КРАТОВО

    СЕДУМ И ПОЛ ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА ЖЕНАТА-ЖРТВА НА 10-ГОДИШНО СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО КОЈА ГИ УБИ СОПРУГОТ И СВЕКОРОТ ВО КРАТОВОАдвокатот на осудената во целиот процес докажуваше дека делото го сторила во нужна одбрана, бидејќи повеќе од 10 години била жртва на семејно насилство, а теророт на физичко и психичко малтретирање од сите членови на семејството го трпела само поради децата, а рече и дека затаиле и институциите, бидејќи иако повеќепати барала помош од полицијата и Центарот за социјални работи, никој не ѝ помогнал. (Фото: СДК.МК)

    Вангелица Илиевска (36) од Кратово, жртва на над 10-годишно семејно насилство, денеска во Основниот суд во Куманово е осудена на единствена казна затвор од седум и пол години за извршено двојно убиство. Според обвинението, таа на 13 јуни 2024 во семејната куќа во Кратово кога била нападната, со умисла ги убила нејзиниот сопруг Јован и свекорот Стојан. На Илиевска ѝ се продолжува куќниот притвор до правосилноста на пресудата.

    Денеска на предлог на обвинителот, делото од убиство со умисла беше преиначено во убиство во миг, врз основа на наодите од супервештачењето од Клиниката за психијатрија во Скопје, во кое стои дека Илиевска делувала во состојба на силна и нагласена раздразнетост без своја вина, бидејќи била нападната од сопругот, и поради страв за својата безбедност во интензивен афект ги извршила убиствата.

    Судечкиот судија Саша Ѓорѓевиќ при изрекувањето на пресудата кажа дека семејното насилство стана сè позачестена појава, и дека е потребна одлучна реакција за да спречи ваквата појава и да се заштити жртвата. Во конкретниот случај, рече дека сите се жртви. Најмногу оние кои што се починати, затоа што Вангелица немала можност и храброст да го прекине бракот кој не функционирал, и останала поради децата мислејќи дека ќе издржи. Но, сигурно дека не го планирала убиството и животот кој сега ѝ се случува, голем дел од својата младост да ја помине во затвор.

    „Советот на овој суд донесе пресуда врз основа на признанието на вина на обвинетата, која ја прогласува за виновна за два кривични дела, убиство на миг, по член 125 од Кривичниот законик, при што за двете кривични дела ѝ утврдува казни затвор во траење од по 4 години и 6 месеци. И ѝ изрекува единствена казна затвор во траење од 7 години и 6 месеци. Во изречената ефективна казна ќе ѝ биде засметано и времето минато во притвор“, кажа Ѓорѓевиќ.

    На пресудата, регираше сестрата и ќерка на убиените, која кажа: „Судија јас се извинувам, но нема правда, дефинитивно“, и демонстративно го напушти судењето.

    Истовремено обвинетата почна па плаче, и кажа дека децата нема да си ги види уште 7 години. Нејзините две деца се во семејството на нивната тетка во Кратово.

    Адвокатот на Вангелица, Кристијан Георгиевски, изјави дека не е задоволен од пресудата и најави дека најверојатно ќе поднесе жалба пред повисоките судски инстанци, со цел да се намали казната, но тоа ќе го стори по консултација на обвинетата.

    „Одбраната повеќе од две години се обидува да докаже дека теоријата на обвинението не се случила како што беше наведено. Денеска, на изненадување на одбраната, Обвинителството изврши преквалификација, што драстично ја смени нашата стратегија. По консултацијата со обвинетата одлучивме да ги признае двете кривични дела“, кажа Георгиевски.

    Тој во целиот процес докажуваше дека Илиевска делото го сторила во нужна одбрана, бидејќи повеќе од 10 години била жртва на семејно насилство, а теророт на физичко и психичко малтретирање од сите членови на семејството го трпела само поради децата. Тој наведуваше и дека во целиот случај затаиле и институциите, бидејќи иако повеќепати барала помош од полицијата и Центарот за социјални работи, никој не ѝ помогнал.

    Според обвинението, убиствата се случиле во семејната куќа на сопружниците, кога прво започнале расправија, по што Јован ја нападнал удирајќи ја со тупаници по главата и телото. Ја истуркал кон кујната и во моментот кога со рацете ја фатил за вратот да ја дави, таа дофатила нож од работната маса и му нанела два убода во пределот на градите и стомакот. Тогаш во собата влегол и свекорот, кого исто така го пробола двапати во градите. Двајцата починале од повредите.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира