Агенцијата за филм сѐ уште нема добиено официјално известување од продуцентската куќа „Револушн продакшн“ дека се откажува од доделените средства за проектот „Татко“ на режисерот Јани Бојаџи, ни изјави директорот на Агенцијата, Сашко Мицевски. „Татко“ доби 15 милиони денари (242.000 евра) од Агенцијата за филм на Конкурсот за финансирање на проекти во прв рок за 2026, а резултатите беа објавени на 29 мај.
„Револушн продакшн“ на продуцентот Дејан Милошевски вчера на социјалните мрежи објави дека се откажува од реализацијата на долгометражниот игран филм со работен наслов „Татко“, според сценарио и во режија на Јани Бојаџи.
„Оваа одлука е донесена по внимателна анализа на условите и околностите во кои требаше да се реализира проектот. Оваа одлука не е донесена лесно. Напротив, таа е резултат на нашето долгогодишно искуство и настаните со кои се соочуваме во последните години. Одбиваме да бидеме дел од оваа перфидна игра на Министерството за култура и Агенцијата за филм која нас како уметници нѐ става во понижувачка и недостојна позиција и очекува да бидеме параван за лукративните и антифилмски цели на оваа, според сè што се случува во години наназад, тенденциозна филмска администрација. Поради тоа, донесовме одлука да се откажеме од проектот ‘Татко’ и од доделените средства“, се вели објавата на „Револушн продакшн.
Мицевски вели дека во случај кога продуцентот се откажува од проект согласно Законот за филмската дејност, истото известување/барање се доставува до Управниот одбор со што ќе се поништи одлуката на барање на барателот (правното лице носител на проектот) и средствата се пренесуваат за следниот конкурс, во случајов, за вториот рок во 2026.
„Кралот на ѓубрето“ на Георги М. Унковски доби 30 милиони денари (485.000 евра) од Агенцијата за филм на Конкурсот за финансирање на проекти во прв рок за 2026. Поддршка добија и „Никој не го сака Садик“ на Ибрахим Деари со 19 милиони денари (307.000 евра) и „Татко“ на Јани Бојаџи со 15 милиони денари (242.000 евра).
На првиот Конкурс Агенцијата распредели вкупно 93 милиони денари (околу 1,45 милиони евра). Покрај овие 3 долгометражни играни филмови, поддржани се и два долгометражни документарци, „Вител на изумирањето“ на Љубомир Стефанов, корежисерот на „Медена земја“ со историски две номинации за Оскар, со 8 милиони денари (130.000 евра) и „Слушни ме!“ на Рaдован Петровиќ со 1,5 милиони денари (24.000 евра).
Со вкупно 310.000 евра поддржани се и 4 долгометражни играни филмови и 5 долгометражни документарци во кои Македонија е малцински копродуцент во копродукции со Хрватска, Словенија, Албанија, Бугарија, Грција, Косово, Чешка, Романија и Велика Британија. Меѓу нив е и „Виењето на волците“, новиот документарец на Тамара Котевска, корежисерката на „Медена емја“ и авторка на „Приказната за Силјан“, кој доби 45.000 евра и епродукција на „Сикониа филм“.
Б. НЕСТОРОСКА



