Руското министерство за одбрана кажа дека ноќешниот голем воздушен напад врз Украина бил одговор на „терористичките дејствија“ против цели во Русија, додавајќи дека биле погодени бројни украински воени мети. Украинските власти рекоа дека најмалку 18 луѓе загинале, а над 100 се повредени низ Украина, а Киев беше особено тешко нападнат со дронови и проектили.
„Ноќеска, како одговор на терористичките дејствија на режимот во Киев, вооружените сили на Руската Федерација извршија масовен напад, користејќи високопрецизно оружје со долг дострел“, соопшти руското министерство за одбрана.
Се вели дека Русија употребила хиперсонични ракети и беспилотни летала за да нападне седум украински региони, вклучувајќи ги Киев, Запорожје и Харкив.
Ова следува откако Русија минатата недела предупреди дека ќе лансира систематски напади врз Украина како одмазда за украинскиот напад врз студентски дом во окупираниот Луганск, кога загинаа 21 лице. Украина тврдеше дека нападнала елитна руска единица за дронови.
Според украинските воздухопловни сили, Русија лансирала 73 проектили и 656 дронови, меѓу кои и осум хиперсонични ракети „циркон“. Володимир Зеленски го повика Доналд Трамп да испрати проектили „патриот“ во Украина.
„Напад од големи размери и целосно транспарентна изјава од Русија. Доколку Украина не е заштитена од балистички и други ракетни напади, тие ќе продолжат. Европа треба да има свои антибалистички ракети за конечно да заврши оваа војна. И дефинитивно ни е потребна помош од САД во снабдувањето со ракети како што се ‘патриот‘. Сметаме на поддршката од нашите партнери и на ефикасни одговори на денешниот напад“, кажа Зеленски, додавајќи дека балистичките ракети се последната голема предност на Москва на бојното поле.



