Црногорските власти не им дозволија на речиси 90 српски државјани да влезат во земјата и по неколкучасовно задржување на аеродромот во Тиват, ги вратија назад во Белград. Чартер летот слета во Тиват пред почетокот на самитот ЕУ-Западен Балкан, поради што големи полициски сили го држеа аеродромот под контрола.
Во авионот беа и 87 државјани на Србија, на кои им беше наредено да се вратат назад. Нивниот авион веќе слета во Белград.
Весникот „Вијести“ објави дека авионот на „Ер Србија“ бил задржан на пистата заради детална проверка на патниците. Според медиумот, повеќето патници биле млади, набилдани и тетовирани и не сакале да ѝ кажат на полицијата зошто дошле во Црна Гора.
„Вијести“ исто така објави дека според податоците на полицијата, повеќето од патниците имале криминално досие и имале задача неформално да го обезбедуваат српскиот претседател Александар Вучиќ на самитот.
„Црногорската полиција спроведува обемни и интензивни активности по повод самитот ЕУ-Западен Балкан. Во овој контекст, на аеродромот во Тиват се спроведуваат зголемени контроли, при што беше одвоен и ставен под контрола чартер лет на релацијата Белград-Тиват, со кој утрово во Црна Гора беа превезени околу 90 граѓани на Република Србија. Авионот беше задржан на пистата со цел да се извршат детални проверки на лицата кои пристигнале, односно причината за нивната посета“, соопшти полицијата.
Српските власти досега не се огласија за овој инцидент, додека опозицијата го обвини Вучиќ дека испратил цел авион криминалци за да го штитат.



