„Скејтбордингот не е за девојчиња“, вториот филм на Дина Дума, вечерва ќе ја има светската премиера на Фестивалот Трајбека во Њујорк. Филмот е во Меѓународната конкуренција за награди и ќе има три проекции на фестивалот. Македонската премиера се најавува за септември.
Трајбека е од најзначајните филмски фестивали во Северна Америка и меѓународно значаен. Актерот Роберт де Ниро е еден од основачите на фестивалот, лансиран во 2002 за да помогне во културно-економската ревитализација на Долен Менхетн по терористичките напади на 11 септември 2001 на Светскиот трговски центар. Лоциран е во луксузниот кварт Трајбека (кратенка од триаголник под улицата Канал).
Главен лик во „Скејтбордингот не е за девојчиња“ е 13-годишната Адела, чија постара сестра набрзо треба да се мажи, а таа преку скејтањето се бунтува против тоа и на тој начин се обидува да избега од таа реалност. Филмот следи три генерации жени од ромската заедница, кои се соочуваат со судир помеѓу традицијата и современоста и се заглавени во тоа.
Главните улоги ги играат Ефќар Абаз, Џефрина Јашари, Симонида Селимовиќ и Ганимед Абдула.
Најголемиот дел од актерите се натуршчици. Дума, која е и сценаристка на филмот заедно со Лидија Мојсовска и Теона Стругар-Митевска, на прес-конференција во април рече дека поминала цела година во Шуто Оризари, а кастингот траел повеќе од шест месеци, во што ѝ помогнала кастинг агентката Киријана Николовска.
- ГЛАВНИТЕ ХЕРОИНИ МИ СЕ ОД ШУТО ОРИЗАРИ И СЕ РАДУВАМ ДЕКА НАСКОРО СИТЕ ЌЕ ГО ВИДАТ НИВНИОТ ТАЛЕНТ, ВЕЛИ РЕЖИСЕРКАТА ДИНА ДУМА ЗА НОВИОТ ФИЛМ (ФОТОГАЛЕРИЈА)
- „СКЕЈТАЊЕТО НЕ Е ЗА ДЕВОЈЧИЊА“ НА ДИНА ДУМА ЌЕ ИМА СВЕТСКА ПРЕМИЕРА НА ФЕСТИВАЛОТ ТРАЈБЕКА ВО ЊУЈОРК, МАКЕДОНСКАТА Е ВО СЕПТЕМВРИ
„Скејтбордингот не е за девојчиња“ е копродукција на Македонија, Белгија, Словенија и Хрватска и беше поддржан од Агенцијата за филм со 24 милиони денари (околу 400.000 евра) на Конкурсот во 2022 во втор рок на одлучување, како и со 350.000 евра од Еуримаж, а поддршка доби и од националните и регионални фондови на Белгија, Словенија и Хрватска.
Директор на фотографија е Фредерик Ноиром, сценограф Вук Митевски, костимограф Матеја Фајт, шминката е на Мојца Горогранц-Петрушевска. Во продукција на „Сестри и брат Митевски“ продуцентка е Лабина Митевска, а копродуценти Себастијан Делој, Данијел Хочевар и Вања Сремац. Светската дистрибуција ја застапува француската „Кинолоџи“.
- ДИНА ДУМА ПОЧНУВА СО СНИМАЊЕТО НА ВТОРИОТ ФИЛМ, „СКЕЈТАЊЕТО НЕ Е ЗА ДЕВОЈЧИЊА“
- ЕУРИМАЖ ГО ПОДДРЖА НОВИОТ ФИЛМ НА ДИНА ДУМА, „СКЕЈТБОРДИНГОТ НЕ Е ЗА ДЕВОЈЧИЊА“ СО 350 ИЛЈАДИ ЕВРА
Дебито на Дума, „Сестри“, имаше светска премиера во 2021 на Филмскиот фестивал во Карлови Вари, каде освои Специјална награда на жирито во програмата „Источно од Западот“, а беше и македонски кандидат за Оскар, но не влезе во прелиминарниот избор на Американската филмска академија. „Сестри“ е и првиот македонски филм кој беше достапен на најголемата светска стриминг платформа „Нетфликс“.
Б. НЕСТОРОСКА



