Со фекалии се поплавени подрумските простории на зградите во рамките на ТЦ „Скопјанка“ во скопски Аеродром. Станува збор за деловни објекти кои се сопственост на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и со деловен простор. Дел од нив се издадени под кирија на приватни фирми, а дел стојат празни. Во празните објекти се наоѓа препумпна станица која сега не работи, па затоа фекалиите се излеваат низ просториите.
Станарите на зградите за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека никој не реагира на нивните поплаки, се шири неподнослива смрдеа, загрозено е нивното здравје, а ако водата дојде во допир со струја може да избие пожар.
„Веќе со фекалии се поплавени неколку деловни простории кои се лоцирани на нивото „минус еден“ бидејќи препумпната станица која исто така е во сопственост на Акционерското друштво во државна сопственост, не работи. Во поплавените делови има осигурувачи за струја, па ако не е исклучена постои опасност од струен удар или пожар, што дополнително ја загрозува безбедноста на станарите на зградата. Бараме итна реакции од Општина Аеродром оти од Акционерското друштво не преземаат ништо. Ни велат ние, станарите да сме го презеле одржувањето на подрумските простории, кои се нивна сопственост“, велат станарите.
Директорот на Акционерското друштво за стопанисување со деловен простор Јован Лукаров вели дека одржувањето на препумпната станица не е нивна одговорност и дека тој им предложил на станарите сите заедно да се вклучат во решавање на овој проблем.
„Препумпната станица е за сите во зградите, и затоа јас на инспекторите во Општина Аеродром им предложив сите да учествуваме во одржувањето процентуално, зависно од тоа колку простор имаме, односно да плаќаме и ние но, и станарите. Како што за лифотт во зградите плаќаат сите така треба и за овој случај. Тоа е заеднички интерес и треба сите да го одржуваме“, вели Лукаров.
А. АНТЕВСКА



