Францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц ќе бидат меѓу лидерите на ЕУ кои ќе учествуваат на денешниот самит во Тиват, додека 27-те членки се обидуваат да најдат консензус за тоа колку далеку и колку брзо треба да оди процесот на приклучување на нови членки во блокот.
Малата Црна Гора е домаќин на годишниот самит ЕУ-Западен Балкан, додека Брисел ги забрзува напорите за унапредување на членството за земјите кои сакаат да се приклучат кон блокот. Ниту една нова членка не е примена откако Хрватска се приклучи во 2013, но во услови на политичка и економска неизвесност, земјите-кандидатки го зголемуваат притисокот да ги отворат вратите.
Брисел планира да им понуди некои претпристапни бенефиции на земјите-кандидатки, па се очекува претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска да објави дека земјите од Западен Балкан ќе добијат пристап до бесплатен роаминг во ЕУ.
Исто така, Франција и Германија ги здружија силите за да презентираат опции за оние земји-кандидатки во регионот кои веројатно нема да се приклучат на блокот на краток рок, вклучително и учество на состаноци како набљудувачи и нудење пристап до единствениот пазар.
„Постои јасен моментум за проширување. Црна Гора почна да го подготвува својот договор со ЕУ, Албанија напредува во процесот, а и Молдавија и Украина ја отклучија првата рунда преговори“, рече претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, кој ги посети земјите-кандидатки низ регионот во изминатите денови.
Црна Гора, која има нешто повеќе од 600.000 жители, има големи надежи дека ќе стане 28. членка на ЕУ до 2028 година. Нејзината апликација беше поднесена до Брисел во 2008.
„Дојдовме до позиција каде што уживаме целосна поддршка од земјите-членки и како предводник меѓу земјите-кандидатки, ние сме на добар пат да се приклучиме кон европското семејство во предвидениот временски рок“, изјави премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.



