И покрај растот на водостојот, Преспа сè уште е ранлива. Обилните врнежи во изминатите месеци донесоа подобрување на Преспанското Езеро, но само на површината. Привремено подобрија некои показатели за квалитетот на водата, но долгорочните предизвици останаа, се наведува во трудот „Кога повеќе вода не е доволно?“ на д-р Орхидеја Талевска од Хидробиолошкиот институт во Охрид, м-р Драко Црвенковски и д-р Маријана Милевска од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).
Трудот е објавен на објавен на интернет страницата на УНДП за Македонија, имплементатор на програмата „ЕУ за Преспа“ која предвидува бројни активности за спас на езерскиот екосистем.
„Обилните врнежи оваа есен и зима донесоа подобрување, но само на површината. Секако, тоа донесе позитивни сигнали: помалку алги и бактерии, подобра распределба на кислород. Но, старите проблеми останаа: загадувањето не исчезна, дното на езерото сè уште е во лоша состојба и причините за загадување се истите“, истакнува Милевска.
Таа напоменува дека само повеќе вода не е доволно. Количината е важна, но и квалитетот на водата врз кој нашето однесување директно влијае.
„Оваа зима ни ‘купи’ време, можеби уште неколку години. Но тоа време треба паметно да се искористи, со конкретни решенија. Некои од нив се во рамки на ‘ЕУзаПреспа’: канализациони мрежи и пречистителни станици, паметно наводнување (помалку вода, поголем принос), управување со отпад и чистење депонии“, додава таа.
Според податоците од Управата за хидрометеоролошки работи, водостојот на Преспанското Езеро од ноември 2025 до сега нарасна за еден местар и 7 сантиметри. Сепак, трудот го поставува прашањето дали повеќе вода значи и закрепнување и опоравување на езерото? Според експерите од Хидробиолошкиот институт во Охрид, само долгорочно и континуирано научно следење може да покаже дали има вистинско еколошко закрепнување или само привремени природни осцилации.
„Преспанското Езеро не може да се процени само преку изолирани набљудувања или краткорочни хидролошки подобрувања. Периодите на зголемени врнежи од дожд и поголем прилив на вода можат привремено да ги променат еколошките индикатори, но тие не мора нужно да го одразуваат долгорочното закрепнување на екосистемот. Само континуирано, сезонски конзистентно научно следење може да ги открие вистинските трендови во езерскиот систем, да ги разликува природните флуктуации од вистинската еколошка обнова и да обезбеди сигурна основа за одлуки за управување засновани на докази“, вели д-р Тасевска од Хидробиолошкиот институт во Охрид, од каде со децении ги следат состојбите со езерото.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



