НА ЛИСТИТЕ НА ЧЕКАЊЕ ЗА ОПЕРАЦИИ ИМА И ПОЧИНАТИ ЛИЦА, А АЖУРИРАЊЕТО ТРЕБА РАЧНО ДА ГО ПРАВИ СЕКОЈА ИНСТИТУЦИЈА СО ВРАБОТЕН ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО, РЕЧЕ АЛИУ

    НА ЛИСТИТЕ НА ЧЕКАЊЕ ЗА ОПЕРАЦИИ ИМА И ПОЧИНАТИ ЛИЦА, А АЖУРИРАЊЕТО ТРЕБА РАЧНО ДА ГО ПРАВИ СЕКОЈА ИНСТИТУЦИЈА СО ВРАБОТЕН ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО, РЕЧЕ АЛИУВо февруари годинава беше промовиран порталот Operacii.zdravstvo.gov.mk, модул за електронска евиденција за елективни хируршки интервенции во јавните здравствени установи, со кој се следат листите на чекање, а секој пациент ќе биде третиран по принципот „прв дојден, прв услужен“. (Фото: К. Попов)

    Министерот за здравство Азир Алиу денеска кажа дека до него стигнале сомнежи од пациенти за злоупотреба на листата на чекање, но не може јавно да соопшти бидејќи не се доволно документирани.

    „Има такви случаи од типот на пример оди пациент со рак да се оперира, се враќа назад бидејќи крвната слика не е доволно добра за да може да се оперира. Пациентот прави крвна слика во друга лабораторија, излегува дека сè е во ред. Но, мора да ги анализираме, работиме да ги детектираме таквите можни злоупотреби со листите на чекање. ​Исто така, листата на чекање треба да се чисти. Имаме пациенти кои што за жал веќе не се меѓу нас и тие треба да се чистат, но тоа не можеме ние како Министерство. Мора заедно со здравствената институција, законски мора заедно тие практично да ги чистат. И ние одиме со наши вработени физички таму за да може на лице место да се чисти и да се ажурира детално“, додаде тој.

    Во февруари годинава беше промовиран порталот Operacii.zdravstvo.gov.mk, модул за електронска евиденција за елективни хируршки интервенции во јавните здравствени установи, со кој се следат листите на чекање, а секој пациент ќе биде третиран по принципот „прв дојден, прв услужен“.

    Алиу  денеска рече дека системот за отпечаток со прст (finger print) функционира во Министерството за здравство и во три клиники во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скoпје: Клиниката за инфективни болести, во Торакална хирургија и во Трансфузиологија.

    „Системот сè уште е во пилот-фаза. Нормално, секоја промена во администрацијата понекогаш има отпор, но ова е позитивно. Позитивно е и за вработените, и за докторите, и за медицинските сестри, бидејќи ќе знаеме реално тие што работат, ќе знаеме дека работат и во однос на прекувремените работни саати. Значи ќе биде нотиран на работно место и ќе знаеме дека работел на работно место 6, 8 часа или 10, но од друга страна ќе падне притисокот кон вработените коишто навистина работат, а заради тоа што други колеги или помалку или воопшто не работат“, кажа министерот на денешниот брифинг со медиумите за една година на оваа функција.

    Алиу во март кажа дека ќе се бара од приватните здравствени институции да кажат колку таму работат вработени во државните здравствени институции трошат време.

    „Во однос на проблемот со тоа дека пациенти се пренасочуваат од јавно здравство во приватно здравство, тоа е проблем кој треба да се реши административно. Значи, првиот чекор како што го направивме со листа на чекање да биде достапно и јавно, исто така административно веќе е воспоставен системот со отисоци од прст за да може административно да знаеме дека законски секој доктор, секоја медицинска сестра, секој администратор треба да биде на работното место, бидејќи тоа законот го го наложува и договорот со  институцијата е таков. Вториот чекор ќе биде најверојатно анализата направена, колку наши пациенти од  јавно-здравствена институција се пренасочуваат, или сами или преку некои внатрешни сили, во приватниот сектор, но тоа сè уште е рано и не можам ништо да изјавам во врска со резултатите“, рече тој.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира