После 13 години, Општина Кичево повторно го организираше одбележувањето на годишнината од смртта на големиот поет и револуционер Коста Солев Рацин. На 83-годишнината од неговото загинување, на Лопушник дојдоа бројни планинари, велосипедисти, мотористи, за да му оддадат почит на авторот на стихозбирката „Бели мугри“.
Рацин загина застрелан во несреќен случај вечерта на 13 јуни, 1943, кога се враќал до главната база на мавровско-гостиварскиот партизански одред „Кораб“ на планината Лопушник.
„Огромно задоволство ми е што дојде време да на ова место се зборува за Рацин од страна на претставник на Општина Кичево. Тој е автор кој ги отвори срцата на Македонците, ја доловува нивната мака“, кажа градоначалникот Александар Јовановски.
Тој соопшти дека веќе е започната постапката за обнова на објектите од Народноослободителната војна (НОВ) – печатницата, болницата – кои биле на Лопушник. Тие постоеле до пред три децении, но негрижата ги уништила. Во време на владеењето да ДУИ на локално ниво, Општина Кичево не го одбележуваше денот на погибијата на Кочо Рацин.
Настанот традиционално го посетува и делегација на Општина Велес, која беше домаќин на бројните гости во периодот кога Општина Кичево не беше организатор на одбележувањето.
„Да ја продолжиме славата на еден великан како што е Кочо Рацин, на кого како велешани сме многу горди. Ме радува оваа бројка од неколку стотини гости денес“, рече претседателот на Советот на Општина Велес, Даниел Јаневски.
На Лопушник стигнаа и петтемина ултрамаратонци, кои за четири дена од Велес истрчаа 160 км до местото на погибијата на Кочо Рацин. Утрово на целата стигнаа велешаните Зоран Димов, Трајче Михов, Верољуб Додевски заедно со кумановецот Љубиша Андреиќ и скопјанецот Томе Спасовски.
„Ова е наш мал гест за големиот автор, Рацин. Поддршката која ја добивавме каде што трчавме кога ќе дознаеја зошто трчаме е најголемата награда“, рече Михов.
И планинарите и велосипедистите од пвоеќе македонски градови тргнаа од кичевското село Извор во должина од 35 км во еден правец и исто толку назад, додека моторостите со ендуро моторите возеа од Кичево до Лопушпник и назад.
За сите гости Армијата подели војничко гравче за ручек .
Годинашното одбележување е финансиски поддржано од Министерството за култура со годишната програма.
П. ПЕЧКОВ




