Над 100.000 лебарки, чие чување е нелегално во Австралија, биле запленети од еден одгледувач во досега најголемата заплена на егзотични бубачки во земјата, соопшти Министерството за климатски промени, енергија, животна средина и води.
Пратката, која содржела мадагаскарски лебарки (Madagascar hissing cockroaches) и дубија лебарки (dubia cockroaches) во вредност од 142.000 американски долари, била запленета во мај од комерцијален одгледувач во градот Батерст, во сојузната држава Нов Јужен Велс.
Мадагаскарската шушкава лебарка е еден од најголемите видови лебарки во светот, со должина од 5 до 8 сантиметри. На фотографиите објавени од Министерството се прикажани сјани, кафени бубачки поголеми од човечки прст. Овој вид е значително поголем од вообичаената австралиска лебарка, која достигнува должина од 2,3 до 3,6 сантиметри. Лебарките успешно опстојуваат и се размножуваат во Австралија благодарение на нејзината суптропска клима, а во земјата има стотици различни видови.
Ловецот на змии Стефани Лесер за Австралиската радиодифузна корпорација изјави дека поголемите егзотични видови најверојатно се продавале како економична храна за влекачи, бидејќи нивната големина значи дека се потребни помалку инсекти за исхрана. Надлежните власти ги повикаа сопствениците на домашни миленици наместо тоа да користат штурци или дрвни лебарки за хранење на своите гуштери.



