ВО КУМАНОВСКИТЕ УЧИЛИШТА ВО МАЈ СЕ ЗАПИШАЛЕ 863 ПРВАЧИЊА, РЕЧИСИ ИСТО КАКО ЛАНИ, СЕ ОЧЕКУВА БРОЈОТ ДА РАСТЕ

    ВО КУМАНОВСКИТЕ УЧИЛИШТА ВО МАЈ СЕ ЗАПИШАЛЕ 863 ПРВАЧИЊА, РЕЧИСИ ИСТО КАКО ЛАНИ, СЕ ОЧЕКУВА БРОЈОТ ДА РАСТЕСпоред податоците на МВР, бројот на деца родени во 2020 кои припаѓаат на уписното подрачје на Куманово изнесува околу 1.300 (Фото: СДК.МК)

    Во 16-те општински основни училишта во Куманово досега се запишани 863 првачиња. Од нив, 772 се запишани во централните, а 91 во подрачните училишта.

    Уписите започнаа на 1 мај и ова е првиот пресек на податоците. Процесот ќе трае до почетокот на учебната 2026/27 бидејќи практиката покажува дека дел од децата се запишуваат и подоцна.

    „Оваа бројка не е конечна. Со години наназад имаме уписи и непосредно пред почетокот на учебната година, бидејќи дел од родителите со своите деца одат на сезонска работа и ги запишуваат кон крајот на август или на почетокот на септември, по нивното враќање. Поради тоа, очекуваме дополнителни уписи. Има и родители кои пријавиле дека е во тек промена на адресата на живеење, па го одложиле запишувањето. Конечната бројка ќе ја знаеме на почетокот на учебната година“, изјави Александар Јовановиќ, раководител на Секторот за образование во Општина Куманово.

    Според податоците на МВР, бројот на деца родени во 2020 во Куманово и Скопје, а кои припаѓаат на уписното подрачје на Куманово, изнесува околу 1.300.

    Јовановиќ додава дека миграциските процеси од руралните кон урбаните средини, како и во другите градови или во европските земји, влијаат врз намалувањето на бројот на ученици во прво одделение, тренд што е присутен и во другите општини во државата.

    Минатата година, во јуни биле запишани 860 првачиња, што значи дека бројката е речиси идентична. На почетокот на учебната 2025/26, пак, биле запишани вкупно 904 ученици во прво одделение и надлежните се надеваат дека и оваа годинa ќе се достигне.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира