Украински дронови предизвикаа пожар и оштетија постројка во најголемата рафинерија во Московскиот регион.
Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, изјави дека најмалку едно беспилотно летало ја погодило рафинеријата на „Газпром Нефт“, која се наоѓа 15 километри југоисточно од центарот на Москва. Според него, Украина лансирала 60 дронови кон руската престолнина во текот на ноќта.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека рафинеријата на „Газпром Нефт“ била погодена од растојание од 500 километри.
„Ова е праведен одговор на руските напади и на одолговлекувањето на војната која мора да се заврши. Московскиот регион го почувствува досегот на капацитетите на Украина“, напиша тој на Икс.
Локалните служби за итни случаи соопштија дека пожарот во рафинеријата е изгаснат и не влијаел на работењето. Оваа постројка преработила 11,6 милиони тони нафта во 2024, произведувајќи 2,9 милиони тони бензин и 3,2 милиони тони дизел, според најновите достапни податоци.
Украински дронови истовремено погодија и складиште за нафта во регионот Краснодар, каде што пожарот бил изгаснат по седум часа.
Како резултат на зачестените украински напади, десетина руски региони искусија прекини во снабдувањето со гориво во последните недели. Покрај тоа, „Татнефт“ денеска објави дека воведува ограничувања за купување гориво на своите стотици пумпи низ Русија, станувајќи првиот малопродожен ланец кој донесол ваква одлука.



