Предложените закони за судската и јавнообвинителската служба, што министерот за правда Игор Филков ги презентира како реформски, се чиста измама, зашто во работните групи во кои учествувале овие службеници било договорено едно, а на платформата ЕНЕР се појавиле дискриминирачки и закони во кои е загарантирано мешањето на извршната власт во судството, обвинија денеска синдикалните организации на јавната расправа во Собранието.
Претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), Трпе Деаноски, пред присутниот заменик-министер за правда Ален Деребан дури кажа дека предлог-законите за судска и за јавнообвинителска служба сигурно биле правени со ЧетГПТ, со миксање на закони за администрација, зашто поинаку не би можело да се одговори зошто се толку лоши предложените закони кои треба да бидат реформа во судството.
Синдикалната претставничка Рената Георгиевска од Кривичниот суд Скопје математички пресмета колку ќе се меша владата во судството ако се донесе ваквиот закон за судска служба и ако пратениците не го изменат со амандмани. Георгиевска рече дека овој закон значи враќање 20 години назад. Потоа низ бројки објасни што се тоа, односно колку се тие т. н. посебни државни службеници, кои се воведуваат како реформска категорија.
„Тоа значи дека од вкупно 1.800 службеници вработени во судовите, 1.500 ќе бидат во Законот за административни службеници и во Законот за јавна администрација, за каде и натаму ќе се бара мислење од министерствата, а само за 300 ќе важи овој, што треба да биде реформски закон. Ова е 5:1 сооднос. Пет спрема еден е мешањето на извршната власт во судската власт. Барам предлогот да се повлече во целост”, кажа Георгиевска.
Многу критична беше и Христина Палчевска.
„Како членкаа на работната група јас се оградувам од овој предлог-закон за судска служба. Ваквиот предлог-закон не е реформски, не е применлив и не ја унапредува положбата на судската служба. Судовите вршат специфична дејност, правораздавање и таа нивна дејност повлекува специфична организација и работни задачи на вработените, кои ги прават судовите различни од сите институции. Првата забелешка е начинот на регулирање на статусот на судските службеници. Предлог-законот не само што ги дефинира судските службеници како административни службеници, туку оди и чекор понатаму, па ги дели на судски службеници и државни службеници. Притоа, за државни службеници со член 14 е предвидено дека за нив ќе се применуваат одредбите од Законот за вработени во јавниот сектор и Законот за административни службеници. Ова е несреќно законско решение, затоа што одредбите за административни службеници во судовите се неприменливи, тоа ни го покажала праксата“, предупреди таа.
Дополни дека ваквата поделба претставува нееднаков третман на вработените, со оглед на тоа што секој придонесува.
„Додатокот на плата за висок ризик и доверливост се укинува. Вработените секој ден работат со доверливи податоци, лични податоци. Па дури и строго доверливи податоци. Укинувањето на овој додаток е нелогично. Ако се усвојат овие законски решенија овој одлив на вработени што го имаме, кој не е само природен, ќе се зголеми и практично судовите ќе останат без вработени“, кажа таа.
За реформа се смета воведувањето посебни државни службеници во рамките на судската власт, што е издвојување од останатите државни службеници. Се дава можност за вработување со статус на судски службеници и со статус на државни службеници. Сега за сите е “„административни службеници”. Ако се во допир со судски предмети, автоматски добиваат статус „судски службеници”. Без оглед дали станува збор за информатичари, архивари, одговорни за јавни набавки, кадрово одделение и слично.
Министерството за правда смета дека се воведуваат и промовирачки систем за додатоци и надоместоци со цел да се намали одливот на судски кадар. Се воведува еднократна парична награда за исполнување одредена задача.
„Но сте условиле ‘ако има пари во Буџетот’”, дофрлуваа претставниците на синдикалните здруженија. „Тие додатоци што ги извадивме од овој предлог закон, можете да ги црпите од другите закони за административни службеници“.
„Да, тоа е обврска на Судскиот совет да води сметка“, кажа претставничката од Министерството.
Присутните службеници изразија незадоволство и дека за време на штрајк, ќе се исплаќа само 60 отсто од платата, иако во работните групи се договориле да биде 80 отсто.
Член на Синдикатот на УПОЗ и на работната група за законот додде дека тоа што било договорено во работната група, нема врска со ова што го предлага Министерството за правда. На пример, бодот за плата се предвидува да го утврдува Владата, а сега е Судскиот буџетски совет.
Беше поставено прашање и зошто не биле викнати и стручните соработници? Зошто само судската администрација? Стручните соработници ја вршат 90 отсто работата на судиите. Тие имаат исто, ако не и поголемо знаење од нив, само што не водат судски процеси и не изрекуваат пресуди.За влијнијата на овој закон врз информатичарите, претставничка од ИТ-секторот рече дека во предложеното законско решение, информатичарите не се пронаоѓаат никаде, во ниеден закон.
„Дискриминирачки е законот. Ние не сме само технички лица. Не да има одлив на информаточари во судството, туку никој на оглас не се јавува за овие плати! Како ќе се спроведе дигитализацијта во судството без информатичари? До кога место судовите да си вработуваат свои ИТ-кадри, фрлаат пари на надворешни лица и ИТ- фирми? Сите да сме судска служба!“, побара информатичарката од битолските судови.
По неа крена глас и претставникот на судската полиција.
Заменикот-министер за правда Ален Деребан ги разочара говорниците кога кажа дека сè што слушнал денеска, се сведува на три проблеми: Статусот на лицата вработени во судството, висината на нивните коефициенти за плати и што еден закон е правен во работната група, а друг е објавен на ЕНЕР.
„Вработените не губат ниедно стекнато право. Сакавме да го регулираме зголемувањето на платите со предложениот закон, ама се оневозможени со склучувањето на колективните договори. Но зголемувањата се идентични и со намерата во законот и со колективните договори“, кажа тој.
Министерот за правда не дојде на јавната расправа во собраниската Комисија за политички систем.
С. К. ДЕЛЕВСКА



