Портпаролката на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК) Mаја Петрова, воедно и синдикална претставничка во Обвинителството, на денешната расправа во собраниската Комисија за политички систем искажа револт во име на сите свои колеги што едно договориле со Министерството за правда во работните групи за Предлог-законот за јавнообвинителската служба, а на ЕНЕР се појавило сосема нешто друго, далеку од реформско.
Петрова рече денеска ќе зборува во име на 350 вработени во обвинителставата кои секојдневно работат со докази, со корупција, убиства, силувања, трговија со деца, дрога.
„Бевме во работната група и има вградени договорени работи во предлог-законот. Но, тоа што требаше да обезбеди самостојност на јавнообвинителската служба го нема, а го договоривме. Кој ги изврши измените и зошто нема аргументи? Зошто не ја добивме финалната верзија на предлог-законот никогаш? Зошто се враќаме назад и уште имаме третман кои било други службеници, а работиме со криминал? Зошто се воведува категорија посебни државни службеници во јавнообвинителската служба, исто како кај судската служба? Ако некој 15 години градел кариера во јавно обвинителство и е советник или самостоен советник, дали утре ќе биде државен службеник според Законот за административни службеници? Кај е ветеното изземање од статусот јавни административни службеници? Тие што го стекнале претходно статусот, низ кои преодни одредби ќе продолжат натаму?“, праша Петрова.
„Реформата не треба да создава нови поделби во службата, туку да ја зајакне службата како единствен професионален систем“, рече Петрова праша и „зошто постојниот кадар не се унапредува, туку за менаџерските позиции се објавува јавен оглас и се примаат однадвор?“.
„Кој е мотивот на еден млад правник да остане и кариерно да напредува во обвинителството? Или на искусен стручен соработник по 10 или 15 години работа? Колку реални можности за напредување постојат? Затоа што кариерен развој не е само можност некој формално да напредува. Кариерен развој е систем во кој стручноста има перспектива, во кој луѓето гледаат иднина во институцијата. Во кој најдобрите кадри остануваат, наместо да ја напуштаат службата?“, укажа Петрова кои проблеми не се решаваат со предложениот закон за јавнообвинителска служба.
Претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) Трпе Деаноски, кажа дека и предлог-законот за јавнообвинителска служба и тој за судска служба се поразителни и оти се креација на чет џитипи, резултат добиен со составување на два закона за администрација.
Вишата обвинителка Фатиме Фетаи беше единствената која побара збор, а не е засегната со законите, но дојде како претставник на Обвинителството и во поддршка на колегите службеници.
„Овој закон не е за нечии плати, коефициенти, туку дали Јавното обвинителство во иднина ќе продолжи да функционира. Петрова спомна за правилниците кои треба да се донесат од министерот во склоп на законот, јас ќе продолжам: При вработување, па унапредување, сегде е министерот за правда. Фали уште да донесе правилник за начинот на исхрана на вработените. Овој закон е упад во самостојноста на Јавното обвинителство од страна на извршната власт. Фалат информатичарите. Како ќе се спроведе дигитализацијата?”, праша Фетаи, додека слушаа членовите на Комисијата за политички систем кои беа замолени да интервенираат со амандмани, не само во овој предлог-закон, туку и во тој за судска служба.
С. К. ДЕЛЕВСКА



