Општина Струга засега нема да гради стационар за бездомни кучиња, откако вчера Советот на Општината не ја усвои физибилити студијата за реализација на проектот преку модел на јавно-приватно партнерство. Со тоа, проблемот со големиот број улични кучиња во градот и натаму останува нерешен, а кучињата ќе продолжат да бидат на улиците додека не се изнајде прифатливо решение.
Мнозинството советници велат дека не се против изградба на стационар за бездомни кучиња и дека целосно ја поддржуваат потребата од конечно решавање на проблемот со кучињата скитници во Струга. Сепак, тие реагираа дека во физибилити студијата не била прецизно наведена точната локација каде што треба да се гради објектот.
Според нив, не е доволно образложено и зошто Општина Струга би требало да издвои околу 170.000 евра за земјиште, кога во други општини кои изградиле стационари земјиштето било отстапено без надомест.
„Единствената дилема за која поставивме неколку прашања беше поврзана со локацијата предвидена за изградба на прифатилиште за кучиња скитници. Но, за жал, авторот на студијата не беше присутен во салата, а од општинската администрација добивме само делумни одговори. Најпрво прашавме зошто е предвидена сума од 175.000 евра за купување земјиште, кога Општина Струга располага со значителни површини земјиште со понизок квалитет, соодветни за ваков тип објект. Во повеќе други општини, како што се прифатилиштата ‘Шепа’ во Кавадарци и ‘Лајка’ во Скопје, општините обезбедиле земјиште без надоместок за реализација на вакви проекти“, вели советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Коста Хиохи.
Со студијата беше предвидено изградба на стационар за бездомни кучиња на површина од 2.500 квадратни метри, на околу два километри од центарот на Струга, со најмалку 75 боксови. Проценетата вредност на инвестицијата изнесуваше 523.000 евра.
„Второто, а воедно и најважно прашање, се однесуваше на точната локација на идното прифатилиште. Иако во студијата е наведено дека тоа ќе се наоѓа на околу два километри од градот, побаравме прецизно да биде посочено каде е планирана неговата изградба. Иако целосно ја поддржуваме потребата од итно и ефикасно решавање на проблемот со кучињата скитници, сметаме дека не треба да се носат избрзани одлуки кои на долг рок би можеле да создадат нови проблеми, како што денес се соочуваме со последиците од дивата депонија“, вели Хиохи.
Според последните официјални податоци, во Струга и околината се евидентирани над 600 кучиња скитници, а се проценува дека реалниот број е значително поголем. Градот со години се соочува со проблемот со бездомните кучиња, кој покрај безбедносните ризици за граѓаните предизвикува и значителни финансиски трошоци за општинскиот буџет поради обесштетувања и судски постапки по основ на каснувања. Само по основ на овие спорови, штетата за општинскиот буџет изнесува околу еден милион денари годишно.
„Реализацијата на овој проект ќе го намали бројот на кучиња скитници во Струшкиот Регион, а со тоа и можноста од каснувања. Струга со години се соочува со овој проблем и сега за првпат како Општина преземаме посериозен чекор преку јавно-приватно партнерство да изградиме современ стационар кој ќе биде атрактивен и ќе поттикне вдомување на животните. Нема да се откажеме од овој проект“, вели градоначалникот на Струга, Менди Ќура.
Општина Струга секоја година издвојува по 500.000 денари за заловување и хуман третман на кучиња скитници, при што се третираат меѓу 13 и 24 животни годишно. Сепак, проблемот континуирано се продлабочува, меѓу другото и поради носење кучиња од соседните општини.
Градоначалникот Ќура вели дека е воспоставена соработка со околните општини за чипирање на кучињата, со цел да се спречи нивно неконтролирано префрлање од една во друга општина.
С. ВРЕНЦОВСКА



