ВО СЕПТЕМВРИ ЌЕ БИДЕ ПУШТЕНО НОВОТО БОЛНИЧКО КРИЛО НА СТРУМИЧКАТА БОЛНИЦА КОЕ СЕ ГРАДИ 40 ГОДИНИ, КАЖА МИЦКОСКИ

    ВО СЕПТЕМВРИ ЌЕ БИДЕ ПУШТЕНО НОВОТО БОЛНИЧКО КРИЛО НА СТРУМИЧКАТА БОЛНИЦА КОЕ СЕ ГРАДИ 40 ГОДИНИ, КАЖА МИЦКОСКИВо новиот болнички дел, кој располага со осум операциони сали, се планира да бидат сместени Хируршките одделенија. - Мицкоски и Алиу денеска во Струмичката болница. (Фото: Министерство за здравство)

    Новото болничко крило на Струмичката болница, после 40 години од почетокот на изградбата треба да биде ставено во функција наесен, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски. Тој денеска беше на увид во новото болничко крило, каде што треба да бидат сместени повеќе одделенија.

    „Околу 40 години се чекаше за ова. Сега следува мало доопремување, кое треба да заврши до крајот на август, а на почетокот на септември објектот да биде ставен во функција“, рече Мицкоски.

    Во новиот болнички дел, кој располага со осум операциони сали, се планира да бидат сместени Хируршките одделенија, меѓу кои Хирургија, Гинекологија, Урологија, Очно одделение и Ортопедија со трауматологија.

    Министерот за здравство Азир Алиу кажа дека вкупната вредност на инвестицијата изнесува 279.3 милиони денари (околу 4,5 милиони евра).

    „Со оваа инвестиција Општата болница во Струмица доби современи услови за функционирање и дополнително го зајакна својот капацитет како регионален здравствен центар за повеќе од 200 илјади жители од Струмица, Радовиш, Валандово, Босилово, Василево, Ново Село и околните општини. За оваа установа обезбедивме и нова најсовремена медицинска опрема – компјутерски томограф, во вредност од 43.5 милиони денари (околу 700.000 евра – н. з.), а изминатиот период се реализирани 55 нови вработувања со цел зајакнување на кадарот“, кажа Алиу.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира