Поднесена е кривична пријава против пет лица од Скопје кои формирале медиумски канал и преку него повикувале и поттикнувале формирање на терористичка група по примерот на радикалната исламистичка организација ИСИС, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР). Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, до Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК), поднесе кривична пријава против Ј.К.(30), Ј.М.(22), М.Т.(23), Р.К.(23) и против Г.М.(34), сите од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело Терористичка организација по член 394-а став 3 од Кривичниот законик.
На 16 јуни годинава, со судска наредба, извршени се претреси на пет локации на подрачјето на Скопје, од кои три во Казнено-поправната установа Затвор Идризово, каде што затворски казни издржуваат Ј.К. и Р.К., а мерка притвор издржува Г.Т., како и во домовите на Ј.М. и М.Т.. При претресите се пронајдени и одземени повеќе електронски уреди како предмет за докажување на кривично дело, вели МВР.
„По претходно добиени сознанија и информации од меѓународни стратешки партнери, Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам во координирана акција со Агенцијата за национална безбедност, а под раководство на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, презеде мерки и активности во однос на утврдување на администратори и членови на интернет апликации кои поттикнувале на создавање на терористичка организација. Притоа, добиени се сознанија дека пријавениот Ј.К. кон крајот на 2024 формирал медиумски интернет канал и формирал група во кој членувале останатите пријавени и во текот на 2025 и 2026 година делувале како терористичка организација која јавно повикувала и поттикнувала создавање на терористичка организација врз основа на идеологија на терористичката организација ИСИС и други идеолошки поврзани терористички организации, како и џихадистички идеолошки текстови со цел ширење на пропаганда, идеолошка индоктринација, глорификација на терористите од ИСИС“, соопшти МВР.



