Вишиот суд во Белград им изрече затворски казни на родителите на тинејџерот Коста Кецмановиќ, кој го изврши масовното убиство во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград на 3 мај 2023. На повтореното судење, Владимир Кецмановиќ доби 14 и пол години затвор, а Миљана Кецмановиќ две години и 11 месеци затвор.
Владимир беше обвинет за тешко дело против општата безбедност и за запуштање и занемарување на малолетниот син, додека Миљана во повторената постапка се товареше само за запуштање и занемарување на синот.
Апелацијата претходно ја намали казната на Немања Маринковиќ, инструкторот во стрелачкиот клуб „Партизан“, каде што Владимир го водеше својот син да вежба пукање. Неговата казна е намалена на една година домашен притвор.
Пет месеци домашен притвор доби сопственикот на стрелачкиот клуб Ратко Ивановиќ.
Родителите на Коста Кецмановиќ добија идентични затворски казни и на првото судење, кое заврши во декември 2024.
Во нападот што го шокираше целиот регион, тогаш 13-годишниот Коста Кецмановиќ уби деветмина ученици и еден чувар, по што ѝ се предаде на полицијата.



