„Тажно е што понудија дел од апликантите, очигледно беше нудењето на брза заработка со некаков си настап кој ќе помине-замине три дена и ќе биде пу-пу не важи, но не се согласивме со тоа“, рече актерот Петар Горко, член на комисијата за селекција на програмата на годинешното 18. издание на Битфест.
Од 140 апликации, прифатени се 70 настани за чиј избор главниот критериум беше квалитетот. Тоа го најавува и самиот почеток на битолското културно лето на 19 јуни, од 19:З0 часот во Центарот за култура во Битола со мјузиклот „Као какао“ инспириран од музиката на легендарниот гитарист Влатко Стефановски.
„Оваа година Битфест не се занимава со продукција, туку со готови настапи. Акцент ставивме на битолските афирмирани и млади изведувачи. Работилници не и аматери не. Ова се четири клаузули што си ги дадовме и преку кои ги гледавме квалитетите на апликантите. Ја преполовивме понудата, но го избравме најквалитетното. Апелирам догодина повеќе идеи, не само за да се земат пари, туку да се понуди квалитет и да се претстават како уметници и да има значење за градот. А не настан колку да пројде, поминаа тие времиња. Ајде да гледаме што е квалитетно“, рече Горко.
Годинава за првпат Битфест го организира Културно-информативниот центар (КИЦ) Офицерски дом. Директорот Димитар Михајловски најави концерти на ансамблите „Танец“ и „Ладо“, два настапа на Симон Трпчески на Хераклеја, КУД „Стив Наумов“, традиционалните манифестации „Илинденски денови“, „Битола отворен град“, „Битолино“, „Локум фест“, „Незаборав“, нов фестивал „Чалгија“, театарски претстави, монодрама и друго. На 29 август, битолското лето се затвора со јубилеен концерт на „Фолтин“ на Хераклеја по повод 30 години постоење на бендот.
За сумата колку ќе чини Битфест, Михајловски рече дека ќе се произнесат по завршувањето кога комплетно ќе биде затворена финансиската конструкција.
„И сега има мали проекти кои се поддржани, но се издржани, значи се квалитетни. Овојпат се одеше на квалитет. Она што беше понудено, навистина беше далеку од очекувањата. Очекувавме дека ќе има многу повеќе проекти, дека младите ќе бомбардираат со креативност и нови идеи, но далеку беше од тоа. Оваа програма е најдоброто од она што беше понудено“, рече Љупка Стефановска, членка на комисијата.
Годинава Битфест ќе трае два месеца, покровител е Општина Битола, дел од настаните се бесплатни и на отворено.
„Ние сме тука да ја задоволиме публиката, а не апликантите“, заклучи Тоше Ивановски, културно-туристички промотор во КИЦ Офицерски дом.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



