ЕУ СО НОВИ МОЖНОСТИ ЗА АВИОПАТНИЦИТЕ, СЕМЕЈСТВАТА БЕСПЛАТНО ЌЕ РЕЗЕРВИРААТ СОСЕДНИ СЕДИШТА ВО АВИОН

    ЕУ СО НОВИ МОЖНОСТИ ЗА АВИОПАТНИЦИТЕ, СЕМЕЈСТВАТА БЕСПЛАТНО ЌЕ РЕЗЕРВИРААТ СОСЕДНИ СЕДИШТА ВО АВИОНПатниците кои се пријавиле за лет по дигитален пат ќе имаат право на бесплатна печатена бординг карта. (Фото: СДК.МК)

    Европратениците и членките на Европската Унија постигнаа договор за нови правила за заштита на правата на авиопатниците. Со нив, на семејствата ќе им се овозможи бесплатно резервирање соседни седишта во авиони, а од авиокомпаниите ќе се бара поголема транспарентност во прикажувањето на цените на билетите, објави „Дојче веле“ на македонски јазик.

    Според новите правила, при онлајн пребарување на авионски билети ќе се прикажуваат цени кои вклучуваат едно парче рачен багаж. На тој начин, на патниците ќе им се олесни споредбата на цените помеѓу различни превозници. Сепак, авиокомпаниите и натаму ќе можат да нудат поевтини билети кои бараат дополнително плаќање доколку патниците сакаат да носат багаж во кабината, модел што веќе го применува дел од нискобуџетните превозници.

    Новите правила гарантираат дека малолетните деца ќе можат бесплатно да резервираат седишта до своите родители. Патниците кои се пријавиле за лет по дигитален пат ќе имаат право на бесплатна печатена бординг карта.

    Оваа модернизирана рамка ќе донесе сигурност, правичност и посилна заштита за милиони европски патници. Договорот претставува балансирано решение за авиокомпаниите и помага да се зачува поврзаноста”, изјави кипарскиот министер за транспорт Алексис Вафеадес.

    За време на последните преговори, земјите-членки се откажаа од плановите за зголемување на прагот за исплата на надомест за доцнење на летовите. Тоа значи дека патниците и натаму ќе имаат право на надомест доколку нивниот лет пристигне со доцнење од најмалку три часа, под услов доцнењето да е одговорност на авиокомпанијата. Висината на надоместокот останува непроменета: 250 евра за летови до 1.500 километри, 400 евра за летови до 3.500 километри и 600 евра за уште подолги релации.

    Новите правила ќе важат за летови во рамките на ЕУ, летови кон ЕУ управувани од европски авиокомпании и за сите летови кои поаѓаат од територијата на ЕУ.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира