Односите меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и италијанската премиерка Џорџа Мелони нагло се влошија по самитот на Г7, откако Трамп тврдеше дека Мелони го молела да се фотографира со неа. Во интервју за италијанската телевизија Ла7, Трамп изјави дека Мелони „ме молеше да се фотографирам со неа“, додавајќи: „Таа толку многу сакаше фотографија со мене. Немаше да се согласам, но ми стана жал за неа.“
Мелони веднаш возврати, и рече дека изјавите на американскиот претседател се невистинити.
„Изјавите на Доналд Трамп се целосно измислени. Искрено сум вчудоневидена“, рече таа и изрази разочараност од односот на Трамп кон сојузниците: „Не знам зошто претседателот на САД се однесува вака кон своите сојузници“.
Таа дополнително го обвини дека покажува поголема попустливост кон противниците на Западот отколку кон долгогодишните партнери и рече: „Има една работа што треба да ја запомни: ниту јас, ниту Италија никогаш не молиме“.
Според европски дипломатски извори, Мелони на самитот била меѓу најгласните критичари на Трамп, отворено бранејќи ги европските позиции.
Реакциите во Рим беа остри. Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани ја откажа планираната посета на САД и кажа дека „сериозните и навредливи зборови на претседателот Трамп кон премиерката Џорџа Мелони ја навредуваат цела Италија“.
Критики упати и блискиот соработник на Мелони, Џованбатиста Фацолари, кој го обвини Трамп дека ги поткопува историските односи меѓу САД и Европа.
Судирот претставува нов удар за некогаш блиските односи меѓу двајцата лидери, кои во последните месеци се соочија со сериозни несогласувања околу Иран и други меѓународни прашања.



