ВО ПРЕСПА ПОСТАВЕНИ 10 АГРОМЕТЕОРОЛОШКИ СТАНИЦИ ЗА ДА СЕ ПРСКА САМО КОГА ТРЕБА ЗАШТИТА НА НАСАДИТЕ

    ВО ПРЕСПА ПОСТАВЕНИ 10 АГРОМЕТЕОРОЛОШКИ СТАНИЦИ ЗА ДА СЕ ПРСКА САМО КОГА ТРЕБА ЗАШТИТА НА НАСАДИТЕСо десетте вакви модерни дигитални системи со кои се опфатени сите 4.500 хектари во Преспанскиот Регион засадени со овошки. (Фото: СДК.МК)

    Во овоштарникот на Оливера Ставревска-Локоска во Претор, Преспа, се прска само кога има вистинска потреба за заштита на насадите. Во сезона, на прскање заштедуваат од 3 до 5 пати, што води кон поеколошки и поодржливо земјоделство како и заштита на животната средина. Тоа го овозможува агрометеоролошката станица која е дел од десетте вакви модерни дигитални системи со кои се опфатени сите 4.500 хектари во Преспанскиот Регион засадени со овошки.

    Инсталирани се преку проектот „ЕУ за Преспа“ на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) за заштита и одржлив развој на Преспанскиот Регион, финансирана од ЕУ.

    „Со семејството имаме три хектари со овошки. Кога ја немавме агрометеоролошката станица прскавме кога ќе ни речеа од земјоделските аптеки. Сега тоа е соодветно на потребите. Очекуваме подобар и поздрав род. Поминавме низ обуки, нѐ учеа како да наводнуваме, како да ги читаме и разбираме податоците од станиците. И примената е многу едноставна иако скоро и да нема важен метеоролошки елемент и почвени фактори за кои не добиваме податоци. Како грантист ги поминав сите обуки, добив донација, применувам и нови агрометеоролошки пракси, користам и обновлива енергија за наводнување, имам фотоволтаичен насад“, рече Ставревска-Локоска.

    Еколошкото производство за неа е од големо значење зашто е прави преработки од овошје, произведува џемови, слатко, мармалади и овошни ликери.

    Агрометеоролошките станици содржат голем сет на податоци, од сензори за брзина и правец на ветар, соларна радијација, темература, влажност и воздушен притисок, сензори за температура и влажност и капацитивност на земјата… Но, од голема важност е моделот за прогноза на болести кај овошките уште пред да се појават првите видливите знаци на болеста. Така земјоделците можат навремено да интервенираат со препарати, количини и видови кои се соодветни на инфекцијата.

    „Моделот за прогноза на болести ја детектира влажноста на листот и сите штетници. Придобивката е голема зашто со софтверот и агрометеоролошките станици се детектира кога настанува инфекцијата, а не видливиот дел од болеста. А од појавата на инфекцијата до самата болест има период на инкубација од 3 до 7 дена, па земјоделците можат да интервенираат, да прскаат само кога има потреба. Имаат време да реагираат и во зависност од процентот на инфицираност, ако е послаба инфекција, можат да користат и поевтини средства. Со сето ова добиваат поевтина цена на производство. 35 проценти од загубите на плодовите се должат на задоцнета заштита“, вели Глигир Тодоров, имплементатор во проектот за поставување на агрометеорлошките станици во Ресен.

    Преку проектот „ЕУ за Преспа“ поддржани се 88 земјоделци преку едукации, инсталирање агрометеоролошки станици, примена на обновливи избори на енергија за наводнувања, обезбедување механизација и друга поддршка. Анализите покажуваат дека активностите ќе донесат заштеда од над 50.000 метри кубни вода годишно.

    „Ние пред очи гледавме како ни го снемува Преспанското Езеро, ресурсот вода е многу значаен, па идејата е во наредниот период да се надоградат системите и со модул за наводнување, што ќе им дава информации на земјоделците колку и кога да наводнуват зашто ни е важно Преспанското Езеро. Цела програма ‘ЕУ за Преспа’ е финансирана од ЕУ токму за заштита на Езерото, не директна поддршка на земјоделието да стане само профитабилен бизнис, туку да биде тоа, но со заштита на животната средина“, рече Маријана Милевска, проектна менаџерка во УНДП во рамки на „ЕУ за Преспа“.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира