Почина Славенка Дракулиќ, хрватската писателка, новинарка и феминистичка теоретичарка чиј опус остави длабока трага во европската литература и јавна мисла. Имаше 76 години.
Родена во 1949 година, кариерата ја започна во Загреб, пишувајќи за „Старт“, „Данас“ и „НИН“. Со книгата „Смртните гревови на феминизмот“ (1984) ја отвори јавната дебата за правата на жените во Југославија. Во тие свои пионерски есеи од 1970-тите и 1980-тите години, Дракулиќ бескомпромисно пишуваше за насилството врз жените, репродуктивните права и патријархалните општествени структури. Во своите дела континуирано ги обработуваше темите на родовата нееднаквост, насилството и патријархатот.
Во книгите „Балкан Експрес“, „Кафе Европа“ и „Како преживеавме“ ги анализираше последиците од падот на комунизмот и распадот на Југославија. Во 1990-тите, поради критиките кон национализмот, беше изложена на медиумски напади и се пресели во Шведска, од каде ја изгради својата меѓународна кариера и соработуваше со угледни светски медиуми, меѓу кои и „Њујорк тајмс“ и „Гардијан“.
Меѓу нејзините најзначајни дела се и „Не би згазиле ни мравка“, посветена на воените злосторства на Балканот, како и „Холограми на стравот“, која ги отвора темите на болеста и смртта. Пишуваше и биографски романи за Фрида Кало, Дора Мар и Милева Ајнштајн. Нејзината последна книга, „Зошто не научив да готвам“, беше објавена непосредно пред нејзината смрт.
Дракулиќ ќе остане запаметена како бескомпромисен критички глас и една од највлијателните авторки од просторот на поранешна Југославија.



