Македонски државјанин признал дека ја убил 45-годишната Ставрула Левентаки, која во изминатите денови се водеше како исчезната во градот Ханија на грчкиот остров Крит. Според грчките медиуми, осомничениот 43-годишник пред истражителите признал дека настанала тензија по расправија со жената околу прашања поврзани со куќата што ја изнајмувал од неа, по што ја нападнал со нож и ја усмртил. По злосторството, телото на жртвата го ставил во вреќа, го пренел со комбе и го закопал на нива оддалечена околу пет километри од куќата.
Токму на таа локација полицијата го пронашла телото на Левентаки, а во близина биле откриени и садници кои претходно ги насочиле истражителите кон осомничениот. Осомниениот првично негирал каква било поврзаност со исчезнувањето на жената. За време на испрашувањата по неговото апсење во друг случај поврзан со дрога, тој тврдел дека нема никаква вмешаност во случајот.
Подоцна, сепак, го признал убиството, а пред полицијата изјавил дека во меѓувреме се криел бидејќи наводно добивал закани од братот на жртвата и лица од неговата околина, поради што стравувал за својата безбедност. Истрагата за случајот продолжува, додека грчките власти ги утврдуваат сите околности поврзани со убиството и прикривањето на телото.



