Земјоделските фолии во земјава по нивниот век на употреба или завршуваат во депонии како отпад кој тешко се разградува или земјоделците ги палат. И во двата случаи тие ја загадуваат животната средина бидејќи во државата нема соодветно решение како да се постапува со пластичните фолии што ги користат земјоделците во процесот на одгледување зеленчук и градинарски култури.
Ова беа заклучоците на работилницата во Струмица на тема „Управување и рециклирање на пластичната фолија за земјоделство во Македонија“ што ја организираа Општина Струмица со поддршка на Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост- ИМЕ. Целта беше да се слушнат мислењата на сите вклучени за да се наде соодветно решение за земјоделската пластика со фокус на пластичните, мулч и стреч фолиите.
„Имаме лоша практика во земјава. Само еден мал дел од фолијата се рециклираа или се преработува. Најголемиот дел завршува непрописно во природата и ги загадува воздухот и почвата, оти најчесто таа се пали, а потоа се создава микропластика и влијае на синџирот на исхрана. Не се само земјоделците одговорни туку и производителите и дистрибутерите што ја пласираат на пазарот, но и надзорот, оти мора да има контрола од страна на Државниот земјоделски инспекторат за оваа пластика“, кажа Ана Каранфилова-Мазневска од Министерството за животна средина.
На македонскиот пазар се претпоставува дека годишно има од 3 до 4 илјади тони пластични фолии. Нивниот век на употреба зависи од микроголемината и состојките од кои се изработени и најчесто траат од 3 до 4 години. Во Струмичко најголемиот дел од тие фолии завршуваат на нестандардни диви депонии или пак се палат. Карнафилова-Мазневска смета дека дел од таа пластика може да се рециклира, но генерално треба да се најде модел и решение кое ќе биде на државно ниво.
Анализата изготвена од швајцарската програма предлага воспоставување систем на проширена одговорност на производителите на земјоделски пластични производи по примерот на Ирска и Франција. Во тој систем ќе има јасно дефинирани обврски за производителите и увозниците за што ќе биде потребна измена на постојната законска рамка или донесување посебен закон за управување со земјоделска пластика, со кој ќе се опфатат пластенички, мулч и силажни фолии, агротекстил и други производи што се користат во земјоделството.
„Треба да се воведе еко-надоместок за производителите и увозниците, кој ќе биде наменет за собирање, транспорт, рециклирање на земјоделската пластика, но и едукација. За координација на националниот систем, се препорачува формирање колективен постапувач кој ќе ја организира целата мрежа во земајва, но и поголеми инспекциски контроли на палењето и неконтролираното отстранување на отпадните фолии“, се вели во препораките на анализата подготвена од швајцарската ИМЕ.
Струмичко важи за еден од поголемите центри во Македонија каде земјоделското производство е под пластеници каде најчесто се одгледува зелка, домати, краствици и црвени пиперки.
В. ТРАЈКОВ



