Лидерите на Германија, Франција, Италија, Велика Британија и Полска ветија дека ќе го зајакнат европскиот столб на НАТО, огласувајќи се пред состанокот на шефот на алијансата Марк Руте и американскиот претседател Доналд Трамп.
Лидерите на таканаречената група Е5 се состанаа во Берлин за да усогласат заедничка позиција пред самитот на НАТО следниот месец во Анкара. Тие, исто така, разговараа за Украина, откако Трамп вети зголемена поддршка за Киев на неодамнешниот самит на Г7 во Франција.
„Ова е навистина важен момент да се зголеми притисокот врз економијата на Русија со повеќе санкции и со обезбедување поголема воена поддршка за Украина. Второто клучно прашање на самитот мора да биде изградбата на поевропско НАТО“, изјави британскиот премиер во заминување Кир Стармер.
Лидерите ветија посилна европска улога во рамките на НАТО, при што Европа ќе преземе поголема одговорност за заедничката трансатлантска безбедност и се обврзаа на зголемена европска одбранбена соработка.
Трамп постојано ги критикуваше европските сојузници поради недоволната поддршка во војната против Иран. Тој го истакна ова и на средбата со Руте, кој допатува во Вашингтон во обид да ги ублажи тензиите пред самитот во Анкара. На средбата во Белата куќа, Руте користеше картонски графикони за да покаже колку земјите од НАТО ги зголемиле своите трошоци за одбрана и рече дека илјадници американски авиони полетале од базите во Европа за време на војната, посочувајќи го тоа како знак на поддршка од сојузниците.
„Знам дека имаше изолирани случаи, за кои сте навистина разочарани, но генерално, вашите европски сојузници беа таму“, рече Руте.
Самитот во Анкара ќе се одржи на 7 и 8 јули и некои европски земји се загрижени дека Вашингтон би можел целосно да се повлече, што би ја довело во прашање иднината на алијансата. Руте рече дека Трамп е посветен на НАТО, иако републиканскиот претседател претходно изрази сомнеж дали ќе присуствува на самитот ако турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган не биде домаќин.



