Владимир Путин изјави дека Русија ќе продолжи со остварувањето на својата цел за заземање на четирите украински региони што ги прогласи за руски во 2022, отфрлувајќи го последниот украински предлог за завршување на повеќе од четиригодишната војна.
Зборувајќи на руска државна телевизија, Путин кажа дека Русија мора да ги зајакне своите противвоздушни капацитети по серијата украински напади и додаде дека земјата добро се справува со проблемите во снабдувањето со гориво, потврдувајќи дека има недостиг во некои области
Путин откри дека Украина предложила запирање на меѓусебните напади со долг дострел како чекор кон мир.
„Јасно е зошто се дава овој предлог, бидејќи нашите контранапади длабоко на украинска територија се многу посилни, имаат поголемо влијание и се поразорни. Со оглед на катастрофалниот недостиг на персонал, украинските вооружени сили очигледно веруваат дека ова би можело да биде нивниот спас. Но, спасувањето на режимот во Киев не е дел од нашите планови“, рече Путин.
Зеленски овој месец му напиша отворено писмо на Путин, предлагајќи директна средба, што рускиот лидер ја отфрли.
„Сите напади, што и да погодат, апсолутно не влијаат на ситуацијата на фронтот. Украинските напади само имаат за цел да го одвлечат нашето внимание од постигнувањето на главните цели – целосно ослободување на Донбас и Новорусија“, кажа Путин, алудирајќи на Луганск, Доњецк, Запорожје и Херсон.
Путин инсистира Украина да ги напушти преостанатите позиции во Донбас како клучен услов за каков било мировен договор.
Тој рече дека Русија очекува продолжување на дипломатските напори предводени од САД и ги потврди коментарите на американскиот државен секретар Марко Рубио дека не бил постигнат никаков официјален договор на разговорите во Алјаска минатата година.
„Никој ништо не потпиша, но разговаравме за одредени можности за завршување на конфликтот во Украина“, рече Путин.



