Речиси 84 отсто од анкетирани 410 здравствени работници сметаат дека корупцијата е делумно или многу распространета во секторот во кој работат, но само 14 проценти од нив признаваат дека биле лично вклучени или сведочеле на коруптивен чин во нивната установа, вели истражувањето на Здружението за еманцијапција, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ, спроведено во рамки на проектот „Посилен систем за поправедна заштита: Намалување на корупцијата во здравството“.
Истражувањето се спроведе преку анкета на 410 здравствени работници и соработници и полуструктурирани интервјуа со 21 директор или раководител на гинеколошко-акушерски здравствени установи. Заклучокот, како што велат Јасминка Фришчиќ, извршна директорка на Здружението и Борјан Павловски, координатор за јавно здравје и женско здравје на Здружението, е дека здравствените работници се свесни за присуството на корупцијата, но најголем дел од нив ја прифаќаат како нормализирана појава и не пријавуваат.
Над 74 отсто од испитаниците кои имале искуство со корупција, рекле дека најчеста форма на корупција е директното примање пари од пациентите или нивни блиски. Потоа следуваат примањето подароци, упатувањето на преглед на приватно, препорака за купување конкретен лек и наплатувањето услуга која треба да биде бесплатна во јавното здравство. Корупција најчесто се бара или нуди за побрз термин за преглед кај специјалист или специфична медицинска услуга, прием кај конкретен доктор и добивање болнички кревет или операција без чекање со месеци.
„Истражувањето покажува дека корупцијата во здравството не треба да се гледа само како индивидуален случај на поткуп. Таа е поширок системски проблем, кој е поврзан со пристапот до здравствени услуги, со односите на моќ во институциите, со безбедноста на пациентите и здравствените работници, но и со довербата во системот“, вели Фришќиќ.
Павловски вели дека особено загрижува присуството на неформални плаќања за гинеколошко-акушерски здравствени услуги.
„Со поткуп најчесто односно во повеќе од 50 отсто од случаите се ‘купува’ породување со царски рез без медицинска индикација, како и изборот на конкретен гинеколог или тим за породување“, кажа Павловски.
Важен сегмент од истражувањето е родовата димензија односно перцепцијата дека корупцијата различно ги погодува мажите и жените. При тоа, испитаниците препознаваат дека најранлива категорија се жените од руралните средини со ниски приходи.
„Кај гинеколошко-акушерските услуги, здравствените работници како посебно изложени ги издвојуваат бремените малолетнички под 18 години, жените без здравствено осигурување, Ромките, жените од рурални средини, жените со попреченост, мигрантките, бегалките и ЛГБТИ жените. Ова значи дека корупцискиот ризик не е ист за сите пациентки. Тој е поголем кога пациентката има помала моќ, помалку информации, ограничен избор и поголема зависност од системот“, рече Павловски.
Истражувањето потврдува и присуство на сексторција односно барање или очекување интимна услуга во замена за здравствена услуга, документ или напредување во кариерата. Секој петти здравствен работник слушнал или дознал дека колега или колешка побарале или очекувале сесксуална услуга од пациенти. Но, сексторцијата е присутна и внатре во здравствените установи, имајќи предвид дека 6,3 отсто од здравствените работници биле изложени на притисок, недолични коментари или барања од сексуална природа од колега, колешка или претпоставен.
Еден од главните заклучоци на истражувањето е дека во здравствените установи јасно изразена антикорупциска култура. Само седум отсто од оние кои имале сознанија за корупција, го пријавиле случајот. Останатите игнорирале или одбиле корупција без да пријавата. Причините за ваквиот одност се системски и конзистентни односно недоверба дека нешто ќе се промени (55%), страв од последици или нарушување на колегијалните односи (56%), недостиг од докази (36%) и перцепција дека случајот не е доволно сериозен.
„Загрижува и недостигот на подготовка на здравствените работници за препознавање и постапување во случаи на корупција и сексторција. Дури 77,6 отсто никогаш немале обука на оваа тема, а во терцијарното здравство овој процент изнесува 82 отсто“, вели Фришчиќ.
Според мислењето на здравствените работници, за борба против корупцијата неопходни се системски мерки, како заштита на пријавувачите, построги санкции и контроли, поголема транспарентност и подобри плати и услови за работа. Истражувањето е поддржано од Француската развојна агенција (Agence française de développement).
Б. НЕСТОРОСКА



