Со планинарски марш од село Бозовце до Лешничката Долина беше одбележан петгодишниот јубилеј од прогласувањето на Шар Планина за национален парк.
НП „Шар Планина“ денес управува со речиси целиот шарпланински масив од македонска страна и се протега од селото Јажинце до селото Дуф. Ова подрачје е дом на исклучително богат биодиверзитет, бројни глацијални езера, планински пасишта, шуми и десетици населени места кои со векови живеат во склад со природата.
„Нашата цел не е само да ја зачуваме природата, туку Националниот парк да биде двигател на локалниот економски развој, да нуди нови можности за младите и да биде една од најпрепознатливите природни туристички дестинации во Европа“, истакна Евзал Елмази, директорот на НП „Шар Планина“.
Во изминатите пет години, НП „Шар Планина“ постепено ја изгради својата организациска и стручна структура и денес е речиси целосно оперативна. Поставени се темелите на современ систем за мониторинг на клучните видови и живеалишта, воспоставена е редовна соработка со Националниот парк ‘Маврово‘ и со Националниот парк ‘Шари‘ од Косово за заедничко следење на дивите животни, а прекуграничната размена на податоци и искуства овозможува подобра заштита на видовите кои природно мигрираат низ целиот шарпланински масив. Еден од најзначајните резултати е регистрацијата на првиот рис во паркот, токму во Лешничката Долина, а тоа е потврда дека ова подрачје и понатаму претставува сигурно засолниште за едни од најретките и најзначајни диви животни на Балканот.
Идејата Шар Планина да се прогласи за национален парк беше присутна неколку децении, но нејзината реализација беше многу тешка и наидуваше на отпор од повеќе страни. Но, откако се презеде една посериозна акција и на месното население и на сите оние кои ги користеа благодетите на Шар Планина им се објасни кои се предностите од нејзината заштита, на 30 јуни 2021 Собранието прогласи дел од Шар Планина за национален парк.
НП „Шар Планина“ се простира на површина од 62.705 хектари, богата е со шуми, пасишта, глацијални езера, водотеци и разновидна геоморфологија. Регионот се одликува со високи планини, чии врвови надминуваат 2.500 метри, од кои највисок е Титов Врв 2.748 метри надморска височина. Во границите на паркот постојат 27 села со околу 17.000 жители, поделени во седум општини: Јегуновце, Теарце, Тетово, Боговиње, Врапчиште, Гостивар, Маврово и Ростуша.
З. АНДОНОВ



