Шеесет и шест отсто од вкупниот број на реализирани прегледи на Клиниката за торакална хирургија се извршени преку итни упати или упати без термин. Постои несразмерен сооднос помеѓу бројот на реализирани редовни и итни прегледи и преголема оптовареност на Клиниката, се вели во извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР) за финансиското работење и усогласеноста на Клиниката за 2024.
„Ваквата структура на упатувања укажува на значително отстапување од планираниот начин на користење на системот ‘Мој термин’ и на зголемено оптоварување на Клиниката, што може да влијае врз ефикасноста на планирањето и организацијата на работниот процес, оптималното користење на расположливите капацитети и достапноста на здравствените услуги за пациентите“, велат ревизорите.
Според извештајот, не е воспоставено ажурно и навремено евидентирање на потрошувачката на лекови и медицински материјали во сметководствената и материјалната евиденција, а дел од нив биле набавувани пред склучување на договор за да се обезбеди непречено вршење на здравствената дејност. Ревизорите утврдиле и дека во рамки на Клиниката не е формирана болничка аптека, преку која треба да се врши управувањето со залихите.
Во извештајот стои и дека има несоодветна примена на Законот за јавните набавки во дел од спроведените постапки за јавни набавки.
Ревизијата утврдила дека дел од побарувањата се постари од три години, при што постои неизвесност за нивната идна наплата. Констатирана е и разлика помеѓу пресметаната и наплатената партиципација за извршените здравствени услуги на здравствените осигуреници.
За надминување на утврдените состојби, Државниот завод за ревизија доставил осум препораки до Клиниката за торакална и васкуларна хирургија.



