Мнозинството во Советот на Општина Куманово го прифати предлогот на ЈП „Чистота и зеленило“ да се зголеми за 30 проценти цената на услугата за собирање и транспортирање комунален отпад. Предлогот беше усвоен со 17 гласа „за“, пет „против“ и тројца „воздржани“.
Според новиот ценовник, за станбен простор физичките лица ќе плаќаат 5,85 денари по квадратен метар. За станбен простор надвор од градежниот реон 3,80 денари по квадратен метар, додека за дворно место ќе се наплатува 0,39 денари по квадратен метар. За дворно место кај физичките лица надвор од градежниот реон нема да се наплаќа.
За деловен простор на правните лица цената ќе изнесува 16,25 денари по квадратен метар, за производните субјекти 2,86 денари, а за деловниот простор во Индустриската зона „Речица“ 5,72 денари по квадратен метар. За дворно место кај правните лица ќе се наплатува 0,65 денари по квадратен метар.
Директорот Сашо Томиќ ја правдаше корекцијата на цената со зголемените трошоци за минималната плата, горивото, резервните делови и амортизацијата на возилата.
„Кога ќе се каже зголемување од 30 отсто, звучи бомбастично, но ако се погледнат цените и износите, не станува збор за енормно поскапување. Зголемувањето е неопходно поради амортизацијата на возилата, застарениот возен парк, повисоките цени на горивото, зголемувањето на минималната плата, резервните делови и потребата за редовна исплата на платите. Ако не се донесе ваква одлука, нема да можеме да работиме“, изјави Томиќ.
Според неговите пресметки, за стан од 50 квадратни метри, наместо досегашните 266 денари, сметката ќе изнесува 337 денари, односно ќе биде повисока за околу 70 денари.
Опозицијата жестоко се спротивстави на одлуката, оценувајќи дека градот е преполн со смет, комуналната хигиена никогаш не била на пониско ниво и дека граѓаните не добиваат соодветна услуга ниту за сегашната цена, а камоли за повисока.
„Градот ни е затрпан во смет, граѓаните се незадоволни. Проблемот е во лошото менаџирање во последните години. Со ова зголемување купувате социјален мир за вработените да земат плата. Во 2022 година цената беше зголемена за 40 отсто, а не видовме никакво подобрување, дури делуваше негативно. Како да веруваме дека сега ќе се подобри услугата“, праша советникот Томица Илиќ, најавувајќи дека неговата советничка група на СДСМ нема да го поддржи предлогот.
Дел од советниците сметаат дека поскапувањето нема да ги реши финансиските проблеми на претпријатието, и побараа Општината да помогне со поголеми инвестиции во неговиот развој. Воедно, беше посочено дека претпријатието треба да ги зголеми сопствените приходи со подобра евиденција на корисниците, бидејќи повисоките цени повторно ќе ги плаќаат само оние што редовно ги подмируваат своите обврски.
Советниците од власта во поскапувањето на услугата го гледаат излезот од кризата и нормализирањето на работењето на претпријатието.
ЈП „Чистота и Зеленило“ е во милионски долгови, и само минатата година има направено загуба од над 300.000 евра. Има проблем и со вработување општи работници, поради ниските плати, а тешката и валкана работа. Поради честите дефекти на камионите последните месеци тешко се справува и со собирањето на сметот, па напомош доаѓаа камиони од Кавадарци, Гази Баба, Липково и Ранковце.
Претпријатието сметот го носи на депонијата Краста, во близина на Куманово, која секое лето гори и создава дополнителни трошоци, за гаснење и затрупување со земја.
С. НИКОЛИЌ



